Белград – Епидемиологот Предраг Кон изјави дека во Србија бројот на смртни случаи од последици од ковид-19 е многу поголем од регистрираниот, што, како што вели, е последица на различните начини на следење. Тој предлага затворање на 10 дена на сите несуштински дејности.
Медицинскиот дел од Кризниот штаб смета дека треба да се воведат засилени рестриктивни мерки за да се намалат контактите, изјави српскиот епидемиолог Предраг Кон. (РТС)

Тирана – Новата академска 2021/2022 година, во Албанија почна во тензична ситуација на повеќето факултети, поради условот студентите да поседуваат сертификат за вакцинација или негативен тест на ковид-19 за да може да влезат.
Најтензично било на Факултетот по историја и по филологија во Тирана, каде што дошло до судир на студентите со тројцата полицајци што биле на влезот во факултетот.
Националниот комитет на експерти за справување со пандемијата донесе одлука со која студентите задолжително треба да поседуваат сертификат дека се вакцинирани или негативен ПЦР-тест. („Алсат“)

Приштина – По преброени повеќе од половина од гласачките ливчиња, резултатите укажуваат дека во Косово се избрани градоначалници на 19 општини уште во првиот круг. Владејачката партија на премиерот Албин Курти
Самоопределување не победи во ниту една општина во првиот круг на локалните избори. („Коссев“)


Бисер балкански

Загриженост на ЕУ за Балканот

– Ситуацијата на Западен Балкан се влошува. Неодамнешните инциденти во Црна Гора, Србија и Косово се причина за сериозна загриженост – рече Грлиќ Радман пред вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Како што е најавено, на оваа средба високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ќе ги информира присутните министри за најновите случувања во односите меѓу Србија и Косово, како и за ситуацијата во Босна и Херцеговина.
Шефот на хрватската дипломатија подвлече дека Хрватска е особено загрижена за политичките настани во Босна и Херцеговина, каде што, како што изјави, „наместо да се постигне клучен консензус за изборните реформи, има ескалација и парализа на институциите“.