Софија – Досегашниот бугарски премиер Бојко Борисов поднел изјава до Централната изборна комисија, со која одбива да биде пратеник во новиот состав на парламентот.
– Денес во ЦИК поднесов оставка како пратеник во двата повеќемандатни региони од кои бев избран, иако победив во лидерските натпревари. И Нинова, и Слави Трифонов, и Христо Иванов ги победив насекаде – изјави Борисов. (БГНЕС)

Загреб – Според дневниот пресек од над 3.200 лица, бројот на новозаразени со коронавирус е двојно зголемен во однос на претходниот ден, а епидемиологот Бернард Каиќ предупредува дека тоа е еднакво лошо како и на почетокот на вториот бран кон крајот на минатата година.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека во Хрватска ќе продолжи вакцинацијата со вакцината на „Астра Зенека“ и покрај најновото мислење од Европската агенција за лекови. („Индекс“)

Тирана – Комитетот на експерти за справување со пандемијата одлучи полицискиот час и другите ограничувачки мерки во Албанија да продолжат и во следните две недели.
Мира Ракацоли, претседателка на Комитетот и заменик-министерка за здравство, рече дека сите мерки ќе останат во сила и покрај достигнувањата во последните две недели со кампањата за вакцинација, што ја направила Албанија прва земја во регионот според стапката на вакцинација. („Алсат“)


Бисер балкански

ЕУ-банкомат
– Можеме ние да развиваме односи со Кина и со Русија, никој не ни брани, но не на штета на нашиот најважен надворешнотрговски партнер, а тоа е ЕУ. Не можеме во ЕУ под сопствени услови и без владеење на правото и демократијата во земјата. Правилата за пристапување се јасни и исти за сите. ЕУ не е никаков банкомат, како што го гледа тоа режимот во Србија, туку јасно уреден систем на вредности и правила што мора да се почитуваат. ЕУ треба да обезбеди и многу повеќе средства за Западен Балкан, а нашите држави имаат задача да се изборат за тоа. Тоа може да се направи со резултати, кои во случајот на Србија изостануваат – вели Балша Божовиќ, претседател на Извршниот одбор на НВО-академија за развој на демократија, за тоа дека Србија веќе 18 месеци не постигнала напредок во европските интеграции.