Атина – Полицијата во Грција беше принудена да употреби солзавец и водни топови во вториот по големина грчки град Солун, за да прекине протест против задолжителната вакцинација. На протестот учествуваа неколку илјади луѓе, а властите соопштија дека демонстрантите најпрво со сигнални ракети ги гаѓале полицајците, а потоа тие одговориле. Наводно, полицијата ги спречила да стигнат до областа во која премиерот Кирјакос Мицотакис имаше обраќање за економијата. („Ројтерс“)
Софија – Бугарија на 14 ноември ќе ги одржи своите трети парламентарни избори оваа година, изјави бугарскиот претседател Румен Радев, откако парламентот ги одобри измените на државниот буџет за 2021 година. Бугарија истиот ден ќе го одржи и првиот круг од редовните претседателски избори.
Радев, кој се кандидира за реизбор, рече дека „двојното“ гласање ќе им заштеди време и пари на даночните обврзници во најсиромашната земја-членка на Европската Унија. („24 часа“)
Приштина – Институтот за јавно здравство на Косово смета дека одржувањето на локалните избори, закажани за 17 октомври годинава, може да предизвика натамошно влошување на епидемиолошката состојба во земјата, поради што бара нивно одложување.
– Препорачуваме одложување на изборниот процес, односно забрана на јавните активности, собирањата на граѓаните и јавните собири од сите видови и од секоја природа без исклучок, до наредната епидемиолошка процена – се вели во писмото на Институтот за јавно здравство. („Коха.нет“)

Бисер балкански

Државен патриотизам

– Кога политичарите во Црна Гора или во некоја земја од соседството ви кажат дека имаат поддршка од Европа, слободно поверувајте им. Не лажат. Збунети, уплашени за власт, неспособни да ги решат проблемите, европските политичари почнаа да учат од овие на Балканот. Едноставно е: кога имаш бесни и осиромашени граѓани, најдобро е да им понудиш државен патриотизам ил религија како апче за сите болки што главно ги произведуваат таквите политичари. Но за да го спроведете ова успешно, потребни ви се внатрешен и надворешен непријател – пишува Един Смаиловиќ, публицист од Бијело Поле, во колумната објавена на „Ал џезира“.