Загреб – Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, ја отстрани пратеничката Каролина Видовиќ-Кришто од седницата затоа што одбила да стави заштитна маска. Таа побарала од Националниот штаб за цивилна заштита да ја укине обврската децата да носат маски. Видовиќ-Кришто на седницата побарала да се укине обврската децата да носат маски повикувајќи се на научни истражувања за кои тврди дека покажуваат дека носењето маски не придонесува за намалување на ризикот од зараза со коронавирус и дека може да предизвика здравствени и психолошки проблеми кај децата. („Индекс“)

Приштина – Обвинителот за воени злосторства на ОВК, Џек Смит, предупреди дека кривично ќе ги гони лицата што ќе го откријат идентитетот на потенцијалните сведоци или ако помогнат во тоа. Во пишаната изјава по повод тврдењата на Здружението на воени ветерани на ОВК дека непознати лица му доставувале многу документи на судот во Хаг, обвинителот Смит нагласи дека тоа здружение „повеќепати се впуштало во активности, кои, верувам, се насочени кон минирање на соодветната примена на правдата“. („Бета“)


Бисер балкански

Добра или „добра“ идеја

– Зградата на Генералштабот во Белград треба да се конзервира со сегашната состојба, а неоштетените делови да се користат. Таа треба да им биде потсетник на народот и на идните генерации за тоа какви „пријатели“ ни се САД и НАТО, а вработените во ГШ секое утро да се потсетуваат кои им се навистина непријатели, да не заборават случајно! Срамота е воопшто да се слушне од српски функционер дека заедничката обнова е „добра идеја“. Никогаш да не се заборави – гласи коментар на анонимен читател на „Политика“ за веста од специјалниот американски претставник Ричард Гренел за заедничко обновување на објектот на Генералштабот и Министерството за одбрана на Србија, кој беше бомбардиран во НАТО-нападите на Белград.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека тоа е „добра иницијатива и би било симболично значајно да учествуваат и САД во обновата на разурнатите објекти, за кои не се знае дали ќе бидат наменети за воени потреби или ќе се пренаменат во хотел. Зградите на војската на Србија беа тешко оштетени во воздушните напади на НАТО во 1999 година.