Атина – Грција ја продолжи забраната за влез на државјани на трети земји до 14 декември поради пандемијата на коронавирусот. Одлуката се однесува на копнените граници на Грција. (МИА)

Белград – Србија оваа недела го очекува врвот на епидемијата на коронавирусот, изјави покраинскиот секретар за здравство Зоран Гојковиќ. Потоа, според негова процена, бројот на заболени ќе почне да опаѓа.
– Војводина е во вонредна состојба, се надевам дека нема да има понатамошен пораст на бројот на заболени иако имавме неодговорно однесување на т.н. црн петок – рече тој. (РТС)

Подгорица – Од вчера црногорските осигуреници ќе можат да ја користат новата лична карта како здравствена книшка. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сеад Ширгиќ, објасни дека за тоа е потребна верификација, која се врши во Фондот со нова лична карта.
(РТЦГ)


Бисер балкански

Две формации и трета димензија

– Со основањето „мини-балканска унија“ ќе дојде до нормализација на односите меѓу Косово и Србија, која би создала и услови целиот регион на Западен Балкан да се вклучи во Европската Унија. Постојат три фактори што ќе овозможат оваа визија да се оствари, тоа е некој вид алијанса или сојуз меѓу Србите и Албанците, бидејќи тие ќе бидат двете главни формации, во етничка смисла, кои ќе го одржуваат тој сојуз. Според моето мислење, Белград нема да биде центар на тој сојуз туку тоа ќе биде Скопје, односно Македонија, која ќе претставува трета димензија на овој сојуз – вели Шкељзен Малиќи, политички аналитичар и публицист, во врска со идејата за формирање на „еугославија“, која е промовирана од поранешниот британски дипломат и професор Тимоти Лес.