Лидерите на Србија и на Косово ќе се состанат на 2 септември во Белата куќа за да преговараат, објави вчера Ричард Гренел, специјалниот пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави за дијалогот меѓу Белград и Приштина, на својот профил на Твитер. Тема на разговорот ќе биде економијата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека Србија не е во состојба да одбие какви било разговори кога станува збор за Косово.
– Американците веруваат дека тоа се (Србија и Косово) две независни држави и во тој поглед треба да ја разбереме тежината на нашата позиција – рече тој како гостин во утринската програма на ТВ Пинк. Претседателот на Косово Хашим Тачи и претседателот на Србија Александар Вучиќ требаше да се сретнат во Белата куќа во Вашингтон на 27 јуни, но средбата не се одржа. Косовскиот претседател и уште девет други поранешни борци на ОВК се обвинети за серија злосторства против човештвото и за воени злосторства од страна на Специјалниот обвинителство во Хаг.

Подгорица – Црна Гора ги отвори границите за влез на државјани на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и на Албанија, изјави директорот на црногорскиот институт за јавно здравје, д-р Бобан Мугоша. Отворањето на границите за земјите од регионот е по барање од туристичката заедница, информирал црногорскиот ИЈЗ. Оттаму велат дека во Црна Гора сѐ уште има висока локална трансмисија на коронавирусот, но дека е контролирана, а претстојните избори, закажани на 30 август, нема да влијаат на епидемиолошката слика. (РТЦГ)