Сараево – Во Поточари кај Сребреница вчера беа закопани 19 жртви на геноцидот, кои биле убиени во јули 1995 година. Најмладата жртва е Азмир Османовиќ, кој имал 16 години. Посмртните останки ќе бидат погребани во меморијалниот центар „Поточари“ – Сребреница, на 26-годишнината од геноцидот. Во Федерацијата Босна и Херцеговина, еден од двата ентитета во БиХ, 11 јули е Ден на жалост со одлука на Владата на Федерацијата БиХ. (РСЕ)

Атина – Во четири детски летни кампови на Халкидики, на Крит, во Коринт и во близината на Атика, поширокиот регион на Атина, потврдени се над 35 случаи на ковид-19, но според државната телевизија ЕРТ, ситуацијата е под контрола. (МИА)

Софија – Претседателот на Бугарија, Румен Радев, ги повика Бугарите масовно да гласаат на вчерашните вонредни парламентарни избори.
– Најважно е Бугарите да излезат и да гласаат масовно. Ова не е само мерка за надминување на секој обид за промена на нашиот глас, тоа е начин да сфатиме дека ако сакаме да имаме легитимна и стабилна влада и парламент, мора да направиме такви работи со нашиот глас – рече шефот на државата по гласањето на предвремените парламентарни избори.
Радев рече дека гласал за Бугарија, каде што граѓаните живеат достоинствено, а младите ја гледаат својата иднина, за држава што припаѓа и работи во јавен интерес, а не во скриени кругови.
(„Нетпрес“)


Бисер балкански

Готово е со границите

– Кога ќе ја погледнеме Босна и Херцеговина, гледаме дека внатрешниот проблем што постои не е меѓу мнозинството и малцинството, туку проблем меѓу три конститутивни народи. Кога од денешна перспектива ќе го погледнеме Дејтонскиот договор, гледаме дека некои негови делови можат да се напишат поинаку, но денес го имаме договорот таков како што е. На оние што и денес негуваат фантазии како е подобро да се менуваат границите или да се создадат нови држави, им велам: Готово е – рече Кристијан Шмит, новоименуваниот висок претставник за БиХ, кој на последниот форум за Западен Балкан во Дубровник јасно порача дека нема менување на границите на Балканот.