Подгорица – Во Црна Гора ќе бидат објавени нови мерки против ширењето на коронавирусот за време на новогодишните и божиќните празници. Директорот на Институтот за јавно здравје, Игор Галиќ, рече дека епидемиолошката крива покажува мал тренд на опаѓање.
– Секој вид собирање на отворен и на затворен простор носи голем епидемиолошки ризик. Немаме механизми за спречување на собирањето во куќите, освен да апелираме до граѓаните, бидејќи ваквиот вид собирање носи голем епидемиолошки ризик – рече тој. („ТВ вјести“)

Белград – Од вчера за влез во Србија е задолжителен негативен ПЦР-тест, не постар од 24 часа, освен за транзитните патници, кои мора за 12 часа да излезат од Србија. Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ изјави дека се усвоени предлозите да се дозволи работа на трговски центри до 20 часот, како и дека сите услужни дејности ќе работат до 20 часот во работните денови. (РТС)

Сараево – Српскиот член и претседател на Претседателството, Милорад Додик, има пневмонија на двете белодробни крила. Медицинските лица наведуваат дека тој се чувствувал добро. (АТВ)


Бисер балкански

Германска нула

– Не е некаква новина ако во Европската Унија не можат да усвојат тешка и важна одлука. Но што да се каже кога ЕУ повеќе не е во состојба да усвои ни неважни одлуки. Германското претседателство со Унијата со месеци неуспешно се обидуваше да постигне потребен консензус во Советот за усвојување на преговарачката рамка за Македонија и за Албанија, за на овие држави-кандидати да им се отворат пристапните преговори. Не успеа. Всушност, германското претседавање во политиката за проширување на ЕУ е една голема нула. Германија не успеа да протурка ни една единствена одлука. Бројот на отворени и затворени поглавја со Црна Гора – нула. Со Србија исто така – нула. Во либерализацијата со визите за Косово исто нула, иако Европската комисија пред две години потврди дека се исполнети сите услови – вели Аугустин Палокај во коментарот за „Јутарњи лист“, насловен „Процесот на проширување на Европската Унија во целосен застој“.