Љубљана – Следната учебна годишнина во Словенија наставата нема се изведува само класично, односно таа ќе биде комбинација од настава во училиште и дигитална настава на далечина, најавија од Министерството за образование. Надлежните сметаат дека образовниот процес ќе се моделира според условите со коронавирусот, но со сигурност дел од учениците од дома и преку дигитални алатки ќе го совладуваат материјалот. Според министерката за образование Симона Кустец, сосема е извесно дека основците ќе одат редовно на училиште, додека средношколците дел од предметите ќе ги следат од дома, односно на далечина. (МИА)

Атина – Во невремето со обилен дожд и град што завчера го зафати северниот дел на Грција, предизвикана е материјална штета и има поплавени улици во Серес, Ксанти, Ламиа, на Халкидики. Најпогоден е грчкиот град Серес каде што се излеала надојдената река и биле поплавени над 100 дома, а била предизвикана голема штета на подруми, паркинзи, автомобили и сл. Во одредени делови на Грција биле регистрирани околу 1.500 молњи според системот за регистрација на молњи на Националната опсерваторија во Атина. („Нетпрес“)

Приштина – Претседателот на Косово, Хашим Тачи, го поздрави резултатот што на завчерашните парламентарни избори во Србија го постигнаа партиите на Албанците од Прешевската Долина, кои се обединија во коалицијата насловена Албанска демократска алтернатива. Во објава на својата страница на Фејсбук, Тачи порача дека примерот на единство на албанските партии од јужна Србија треба да го следат и Албанците во другите земји во кои живеат. Според косовките медиуми, Албанците од Прешево, Медвеѓе и Бујановац во новиот српски парламент ќе имаат тројца или четворица пратеници, додека во минатото не успевале да добијат повеќе од едно место. („Алсат“)


Бисер балкански

Вучиќ го победи и Путин

– Српската напредна партија ја победи Единствена Русија како владејачка партија со најголемо мнозинство во Европа по белоруската – рече Флоријан Бибер, стручњак за Балканот од Универзитетот во Грац, по објавувањето на резултатите од парламентарните избори во Србија, на кои партијата на Александар Вучиќ освои убедлива победа, а изборниот праг од три отсто го поминаа уште две изборни листи.