Белград – Директорот на полицијата на Србија Владимир Ребиќ изјави дека 17 полициски службеници се заразени со кронавирусот. Здравствената состојба на полицајците е стабилна. Во самоизлоација се наоѓаат 800 полицајци. Министерството за внатрешни работи соопшти дека забраната за движење во полицискиот час не ја почитуваат во просек 25 лица на 100 илјади жители. (РТВ)

Загреб – Во Хрватска, од воведувањето на мерките за ограничување на активностите во Хрватска, е забележано намалување на прометот на фискалните сметки во сите дејности за 44 отсто. Најзначителен пад од околу 90 отсто е забележан во дејностите за нудење сместување, приготвување и служење храна, во прометот со недвижности и во другите услужни дејности. Во областа на трговијата е забележан пад на прометот за 30 отсто. („Вечерњи“)

Тирана – Во Албанија 494 осудени лица добија привремени тримесечни дозволи поради ситуацијата создадена од ковид-19. За ваква дозвола можеше да аплицираат 600-те затвореници на кои им останале три години или помалку од затворската казна, како и оние што од затворската казна им останале уште пет години, но ако се на над 60-годишна возраст или се хронично болни. („Аласат“)


Бисер балкански

Во иста чорба

– Оваа криза е секојдневен тест за секој поединец, но и за секое општество. Тоа е тест за една лична, граѓанска зрелост и етичност. Короната е пред сѐ урбан феномен, а еден мој колега осврнувајќи се на реакцијата на луѓето, рече дека ова е најдобрата Црна Гора што тој ја познава. Во оваа состојба можеме да покажеме какви можеме да бидеме кога би дале сѐ од себе. Парадоксално е и доста цинично што коронавирусот искажува еден вид демократичност во смисла еднакво ги погодува сите, еднакво ни припаѓа и никој не дискриминира. Иако некои од нас се со подобро здравје или имаат помалку години, вирусот е непристрасен и сите ние сме во истата чорба.

Од друга страна, кризата јасно ни стави до знаење дека мораме да усвоиме една нова филозофија на живот, дека сите сме членови на една заедница на ниво на светот. Никој со оваа криза нема да се соочи успешно како поединец, изолиран или во некој општествен вакуум – вели Ана Бацковиќ, психолог во интервју за Радио Слободна Европа, за тоа како епидемијата влијае на однесувањето на постапките на луѓето и на семејните односи и релациите во заедницата.