Атина – Грција од вчера почна со дополнителни рестрикции за влез на државјани од трети земји, а новите построги мерки се однесуваа на граничните премини Евзони со Македонија и Какавиа со Албанија, кои ќе работат од 7 до 19 часот, наместо до 23 часот, а дневно ќе биде дозволено да поминат најмногу 400 лица, додека, пак, задолжителен ќе биде домашен карантин од 14 дена, наместо седум како што беше досега. На граничните премини, на сите задолжително ќе им се прави брз тест. („Независен“)

Тирана – Албанија во изминатиот месец бележи највисоки бројки од секој аспект од почетокот на пандемијата на ковид-19. Според официјалните податоци на Министерството за здравство, само во февруари животот го загубиле 406 лица. Од почетокот на пандемијата, во земјата како последица од вирусот починале 1.796 лица, што значи дека во февруари се случиле 25 отсто од вкупниот број на починати. („Алсат“)

Сараево – Федерацијата БиХ вчера го славеше Денот на независноста на БиХ, но овој празник не се слави во Република Српска. Лидерот на Партијата за демократска акција, Бакир Изетбеговиќ, по повод Денот на независноста на БиХ, изјави дека во изминатите три децении Босна и Херцеговина помина долг и тежок пат, и дека најважен беше 1 март 1992 година, кога „граѓаните одлучија да живеат во суверена и независна БиХ, држава на еднакви граѓани и народи“. („Аваз“)


Бисер балкански

Воен рок за сиромашните

– Идејата да се обнови служењето на воениот рок доаѓа од политичкиот врв. Мислам дека тоа доаѓа директно од претседателот Александар Вучиќ, како и дека тоа не е барање или притисок од војската на Србија. Затоа мислам дека во партијата на СНС направиле добра анализа дека тоа ќе им донесе политички поени. Но кај нас во практика сите идеи доаѓаат до свои деформации, а слична судбина ќе има и идејата за задолжително служење војска. Воениот рок, на крајот, главно ќе го служат, симболично кажано, „сиромашните“, а тоа е гласачката машина на СНС. Ако овие луѓе ги ставите во строј, лесно можете да изнесете уште еден аргумент на власта дека Србија е „загрозена земја“, дека сме „под опсада“ и дека треба „да се браниме“ – вели воениот аналитичар Александар Радиќ, како одговор на граѓаните што поставуваа прашања на Инстаграм.
Некои од одговорите што беа посветени на областа на одбраната беа пренесени во „Данас“.