Берлин – Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот, вчера на Твитер напиша дека цртањето нови граници на Западен Балкан е опасен пат.
– Регионалното помирување и соработка се клучни за мирот, демократијата и просперитетот. Цртањето нови граници е опасен пат – напиша Рот.
Тој со твитот го поддржа официјалниот став на Европската Унија за Западен Балкан дека треба да се работи на регионално помирување и соработка, а не на менување на границите.
Рот исто така реагира на неофицијалниот документ (нонпејпер) на Јанез Јанша, премиер на Словенија, која е следна земја претседавач со ЕУ, за прекројување на границите на Западен Балкан. (РСЕ)

Љубљана – Владата на Словенија ги вклучила матурантите во приоритетната група за вакцинација, за да можат мирно да се подготват за завршните испити.
Одлуката за вакцинирање на матурантите како приоритетна група е донесена и покрај некои резервирани ставови, така што тие би можеле да се концентрираат на учење во стресен период кога веќе се многу зафатени. Вакцинацијата за матурантите, како и за остатокот од популацијата, е на доброволна основа, а ќе почне на крајот на идната недела, а заедно со нив ќе бидат вакцинирани и нивните родители. (СТА)

Белград – Кризниот штаб ја усвои иницијативата на Здружението за туризам на Српската стопанска комора за намалување на цената за ПЦР-тест на странски туристи, соопшти вчера Српската стопанска комора.
Цената на ПЦР за странски државјани во Србија е 18.000 динари (околу 9.280 денари). („Политика“)


Бисер балкански

Вистината и лагата за границите!

– Опасна лага изнесе премиерот на Словенија дека сакам да ја дискредитирам словенечката влада. Никому не му доставив никаков документ, добро соработувам со БиХ, а моите гледишта се сосема јасни. Потребно е да зборуваме за унапредување на Дејтонскиот договор, а не за дезинтеграција – изјави Тања Фајон, словенечката опозициска политичарка и членка на Европскиот парламент, која ја демантира информацијата дека таа им го доставила на новинарите наводниот нонпејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша.
Во работниот документ, во кој според пишувањето на медиумите во регионот Јанез Јанша пишува за „обединување на Косово и Албанија, како и дезинтеграција на Босна и Херцеговина по мирен пат“, Фајон го повтори својот став за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, а не за распарчување на одделни држави, пренесува „Данас“.