Љубљана – Словенечката полиција од вчера почна таканаречен бел штрајк, што може да влијае врз сообраќајот на граничните премини со Хрватска, соопшти Полицискиот синдикат на Словенија. Синдикалците се незадоволни затоа што не бил реализиран договорот со поранешната влада, според кој на некои категории полицајци требало да им се зголемат платите. (Б92)

Белград – Три четвртини од испитаниците во Западен Балкан веруваат во некои од теориите на заговор во врска со коронавирусот. Во Србија околу 41,5 отсто од испитаниците веруваат во вакви теории, покажаа резултатите од истражувањето спроведено во октомври од „Атлантскиот совет“, со седиште во Вашингтон, и советодавната група за јавни политики „Балканот во Европа“. Секој трет граѓанин на Србија изјавил дека нема да се вакцинира против коронавирусот.
(„Политика“)

Загреб – Нов земјотрес е регистриран во централна Хрватска, со епицентар кај Сисак. Земјотресот бил со јачина од 4,2 степени по Рихтер, на длабочина од 10 километри. Жителите на Петриња досега почувствуваа повеќе од 750 земјотреси. („Хина“)


Бисер балкански

Верувај, не верувај

– Дали се познати тие што не ги интересира политиката, како да не е во прашање нивниот живот? Тоа е дното на таа авторитарна култура во која нема свест за улогата и значењето на секој поединец. Тоа е фатализам – јас не можам ништо да сменам. Тоа е она што овде го одржува овој вид власт. Тоа се двете страни на истата паричка – авторитарна власт и пасивно друштво – изјави историчарката Дубравка Стојановиќ во врска со истражувањето на јавното мислење на Ипсос, за тоа дека моментално 3,5 милиони гласачи во Србија знаат за која политичка опција би се определила на изборите, додека повеќе од 1,5 милион се неопределени – односно не му веруваат никому.
Во истражувањето, објавено пред крајот на 2020 година, околу 2,1 милиони граѓани се „изјасниле“ дека најмногу му веруваат на српскиот претседател Александар Вучиќ, додека 1,5 милион граѓани на Србија не му веруваат никому.