Приштина – Лидерот на Алијансата за иднината на Косово Рамуш Харадинај може да биде кандидат за косовски претседател.
– Верувам дека ќе бидам кандидат за претседател, доколку се разговара врз основа на Уставот, сметам дека е голема одговорност и е посебна чест за мене – напиша Харадинај на Фејсбук. (РСЕ)

Подгорица – Државната изборна комисија на Црна Гора донесе мислење со кое им се дава можност на граѓаните што имаат документи со помината рок на важност да го остварат своето избирачко право на наредните парламентарни избори. Нивниот број изнесува околу 30.000. Мислењето на ДИК е издадено по иницијатива од демократите на Црна Гора. („Вијести“)

Љубљана – Хрватска многу лесно може да се најде на словенечката црвена листа на земји поради големиот број заразени лица од коронавирусот, изјави Јелко Кацин, портпарол на Владата на Словенија. Новите случаи на заболени лица во Словенија се увезени од Хрватска, во која има значително влошување на епидемиолошката состојба. („Дневник“)


Бисер балкански

Вакцина, љубомора и политика

– Зад сите приказни во врска со руската вакцина за коронавирусот стои љубомора. Последните години што и да доаѓаше од Русија секогаш се коментираше на многу критичен начин и, за жал, оваа состојба со вакцината не е поинаква. Ништо друго и не очекувавме – изјави Димитар Маљцев, портпарол на амбасадата на Руската Федерација во Хрватска.
На прашањето дали ќе се вакцинира кога ќе замине во Русија, Маљцев одговори: „Да, сигурно“.
– Ќерката на нашиот претседател учествуваше во тестирањето и нашиот министер за здравство ја прими вакцината. Јас тука не гледам проблем – вели рускиот дипломат во изјава за хрватската телевизија РТЛ.
Објавувањето на веста дека Русија ќе почне со производство на вакцина против коронавирусот предизвика поделени реакции, кои зависеа и од политичките односи во светот. Епидемиолозите и политичарите од западните демократии изразија сомневање за ефикасноста на руската вакцина. Различни погледи имаа и земјите од Балканот, додека Србија со одобрување ја прифати веста што ја објави рускиот претседател Путин, од Хрватска го споделија ставот на епидемиолозите од Германија, дека руската вакцина е „недоволно тестирана“.