Тирана – Албанскиот претседател Илир Мета изјави дека на 25 април ќе има референдум „многу поголем од оној во ноември 1995 година“, за смена на власта што ќе се случи на парламентарните избори.
– Неоспорно, референдумот на 25 април ќе биде многупати поголем од оној од ноември 1995 г. По 30 години сме останати толку назад по Србија, Црна Гора. Пред 15 години бевме многу понапред. Членство во ЕУ што е можно поскоро – изјави Мета. („24 часа“)

Атина – Главниот град на Грција, Атина, веројатно повторно ќе влезе во строг карантин. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис свика вонреден состанок за да ја процени епидемиолошката состојба во земјата, информираа грчките медиуми.
– Мојата препорака до комисијата е да се оди на строго затворање, веројатно како минатиот март – рече министерот за здравство на Грција, Василис Кикилиас, истакнувајќи дека оваа мерка е особено важна во областа Атика.
. („Макфакс“)

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека денес ќе им пристигнат нови 500 илјади дози од кинеската вакцина. Во Србија неделава пристигнале и 50 илјади дози од руската вакцина, а во наредните две недели и дополнителни 50.000 вакцини за втората доза. До крајот на февруари се очекува да пристигнат и 200 илјади вакцини од западно производство. (РТС)


Бисер балкански

Вакцинација за нови поделби

– Не мора посебно да се објаснува дека никој што ја примил вакцината не е ниту „предавник“ ниту приврзаник на Вучиќ, ниту тој што сѐ уште не се пријавил за вакцинацијата е за Ѓилас. Тоа, пред сѐ, е здравствено а не политичко прашање, кое се злоупотребува во политички цели. Поради општиот интерес, подобро е да се поддржи вакцинацијата за да се достигне 70 отсто од населението, што е потребно за колективна имунизација на популацијата – изјави Горан Мишиќ, новинар и член на Независното здружение на новинари на Србија, за новите поделби во земјата поврзани со вакцинирањето против ковид-19, по повод обвинувањата упатени кон некои истакнати личности што се познати критичари на актуелната власт, а кои сликите од примањето на вакцината ги објавиле на социјалните мрежи.