Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, изјави дека Србија е подготвена да го продолжи дијалогот со Приштина, кон кој ќе пристапи конструктивно во желба да се постигне компромисно решение. Тој истакна дека за Србија е важно да се исполни досега договореното, пред сѐ, Бриселскиот договор и формирањето на Заедницата на српски општини.
– Србија е против замрзнат конфликт, затоа што некој може да го одмрзне. Суштината на напредокот на Албанците и на Србите е мирот – кажа Вучиќ. (РТС)

Подгорица – Претседателот на Здружението на туристички агенции на Црна Гора, Орхан Хоџиќ, вели дека е добро што границите ќе бидат отворени за туристите. Тој посочува дека руските туристи веќе подолго време не се заинтересирани за Црна Гора, но, како што вели, проблемот е во воздушната врска.
– Ниту една од тие авиокомпании што најавуваат летови нема да лета во потребните капацитети. Цените на летовите се високи и се движат од 600 до 1.000 евра – рече Хоџиќ. (ТВЦГ)

Љубљана – Од вчера словенечките граѓани можат да патуваат меѓу регионите, а некои културни настани се дозволени со одлука на Владата, сепак, Собранието го намали бројот на луѓе собрани на отворено од 100 на 10 лица. Воведено е дополнително ограничување – едно лице мора да има 30 квадратни метри затворен простор, а 10 квадратни метри на отворено и растојанието помеѓу две лица не смее да биде помало од еден и пол метар. (СТА)


Бисер балкански

Вакцинација во трговски центри

– Јас лично сум што повеќе да се приближиме до граѓаните. Кога некому сте му пред очи и кога ќе се види дека понудата е постојано присутна, поголема е можноста да се одлучи за тоа. Екипата на Градскиот завод за здравствена заштита го посети трговскиот центар „Ушче“ и виде дека таму може да се спроведува вакцинација. Сметам дека тоа треба да се поддржи – рече Предраг Кон, епидемиолог и член на Кризниот штаб на Србија за спречување на епидемијата на коронавирусот, за идејата вакцинацијата да се одвива и во трговските центри.
Во Србија се разгледуваат повеќе опции за масовна вакцинација на граѓаните, заради побрзо постигнување „колективниот имунитет на населението.