Љубљана – Студентите во Словенија ќе можат да аплицираат за солидарна државна помош од 150 евра. За да се добие оваа државна помош, потребно е лицето да е запишано на еден од универзитетите во земјата и да има пријавено постојано или привремено живеалиште во Словенија. Оваа помош е дел од првиот закон за помош поради епидемијата на коронавирусот. (МИА)

Белград – Србија почна со ублажување на рестриктивните мерки што се воведени за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот. Властите одлучија полицискиот час да почнува од 18 часот. На работа се враќаат и вработените од услужниот сектор: автомеханичари, вулканизери, чевлари, како и трговците чии дуќани имаат излез на улица, односно не се во трговски центар. Повозрасните граѓани, над 65 години, кои досега воопшто не смееја да излезат, ќе имаат право на прошетка во вторник, петок и недела од 18 до 1 часот по полноќ. (B92)

Урошевац – Потврдени се девет нови случаи на заразени од коронавирусот во Урошевац, со што вкупниот број на инфицирани се искачи на 90, од кои 86 лица се вработени во американската воена база Бондстил. Во бројката на инфицираните се опфатени и членовите на семејствата на работниците во Бондстил, меѓу кои позитивно на корона-тестот е и десетмесечно бебе. Градоначалникот на Урошевац, Агим Алиу, изјави дека сите лица се инфицирани при контакт со претходно заболени лица. (,,Газета експрес”)


Бисер балкански

Благодарност на балкански начин

– Интересно е што никогаш не сум видел билборд со благодарност од ЕУ за помошта. И ние и на Србија и на другите земји од Западен Балкан им дадовме многу помош и пред и за време на кризата. Eвропската помош и посветеност не беа доволно земени предвид, додека помошта на Кина се сметаше како многу поважна – рече Жозеп Борел, министер за надворешни работи на ЕУ, кој додаде дека Западен Балкан нема да биде стабилен без јасна ЕУ-перспектива.
Борел посочи и дека има „борба на наративите“ на Западен Балкан и дека, на пример, на улиците на Белград може да се видат билборди со кои ѝ се изразува благодарност само на Кина за поддршката за Србија.