Атина – Договорите на Грција со Италија и со Египет, за одредување на Ексклузивната економска зона, ќе бидат разгледани пред парламентарната комисија за национална одбрана и надворешни прашања, а утре ќе бидат ратификувани од парламентот. На почетокот на август, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас итно замина за Каиро, за да го потпишат со неговиот египетски колега Самех Шукри договорот за одредување на Ексклузивната економска зона со Египет, по преговорите меѓу двете земји што траеја 15 години. Договорот на Грција со Италија беше потпишан два месеца претходно, на 9 јуни во Атина, а Дендиас и министерот за надворешни работи на Италија Луиџи ди Мајо, тогаш рекоа дека е историски ден и историски момент за двете земји. (МИА)

Белград – Русија го реализира договорот со Србија за испорака на батеријата за противвоздушните ракетно-топовски системи „панцир С1“, изјави директорот на Руската федерална служба за воено-техничка соработка, Дмитриј Шугаев. Една батерија се состои од шест вакви системи.
– Доставена е една батерија на противвоздушниот ракетен систем „панцир С1“, што ќе ѝ овозможи на Србија да ја зачува безбедноста на својата територија од надворешни закани од кој било непријател – рече Шугаев. („Спутник“)


Бисер балкански

Без маска – „единица“

– Непослушните ученици што ќе одбиваат да носат заштитна маска, со што го загрозуваат сопственото и здравјето на другите ученици и наставници, ќе бидат казнети за неодговорно однесување. Постои правилник за однесување на учениците во секое училиште. Во него се предвидени полесни и потешки непочитувања на обврските. Ако ученикот е опоменат еднаш или двапати тоа е лесна повреда. За непочитување на училишниот правилник се изрекува укор од наставникот, директорот или од наставничкиот совет. По воспитно-дисциплинската постапка се донесува некоја казна. Со тоа следува и намалување на оцената од владеење на ученикот – рече Младен Шарчевиќ, министер за образование во Србија, за тоа што ќе се случи доколку учениците не ги почитуваат препораките на Кризниот штаб за спроведување на наставата од први септември.