Атина – Во 13-те грчки периферии се одредени вкупно 62 хотели што во текот на летната сезона ќе бидат пренаменети и ќе работат исклучиво како хотели-карантин во кои ќе се сместуваат евентуалните позитивни случаи на ковид-19 кај туристи што одморот ќе го поминат во Грција. Според одлуката на министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, избраните хотели и туристички објекти се со различен капацитет и различна големина. (МИА)

Загреб – Светската банка одобри два проекта во вредност од 500 милиони американски долари за Хрватска за итна поддршка за ублажување на ефектите од пандемијата на коронавирусот и земјотресот во Загреб. Како што прецизира Канцеларијата на Светската банка во Загреб, голема штета е предизвикана и од земјотресот што го погоди Загреб на 22 март, најсилен во последните 140 години во таа област. („Јутарњи лист“)

Белград – Бугарија, Холандија, Белгија, Данска, Шведска, Финска и Германија не дале зелено светло за отворање на второто поглавје од преговорите, наведувајќи ги одложувањата во реформите во владеењето на правото и неодамнешниот извештај на Европската комисија во оваа област.
Оваа одлука значи дека, првпат од почетокот на преговорите за членство, Србија нема да отвори никакви поглавја за преговори за време на претседателството на Советот на ЕУ, во случајов Германија. („Нетперс“)


Бисер балкански

Балканска Венецуела

– На Видовден, според народното верување, и слепите можат да прогледаат. Но веќе две децении, на Видовден и на Косов се ослепуваат Србија и српскиот народ, за да се заборави дека режимот на Слободан Милошевиќ ја турна Србија во косовскиот бој со најсилната вооружена сила во светот, дека војната ја изгуби, безусловно капитулира и беше принуден државата Србија трајно да ја повлече од Косово. Народот се хипнотизира со заблудите дека Косово и денес е во Србија, дека е срцето на Србија, дека Русија и Кина гарантираат дека не е тоа што е и дека Србија го има тоа што веќе го нема. Поразот се прикажува како победа, а непризнавање на вистината и реалноста како национална обврска. Против договор се сите што се противат на Србија во Европа, против договор се оние што посакуваат Србија да стане нивна балканска Венецуела или Сирија – рече Вук Драшковиќ, претседател на Српското движење на отпорот, во видовденската порака до членовите и симпатизерите на оваа партија.