Љубљана – Словенечката влада донесе одлука да ја укине обврската со која граѓаните мораа задолжително да носат заштитни ракавици кога влегуваа во продавниците и маркетите. Со новата одлука маркетите за храна, аптеките и поштите ќе мораат да обезбедат средство за дезинфекција на рацете, кое ќе го употребуваат граѓаните пред влегувањето во овие објекти. Сепак, останува и понатаму да важи одлуката за задолжително носење заштитна маска или шал околу пределот на устата и носот, со намера, како што велат од Министерството за здравство, да се намалат шансите за пренесување на коронавирусот. („Опсервер“)

Сараево – Уставниот суд на Босна и Херцеговина следната седмица ќе одлучува по жалбите на граѓаните дека тамошните власти ги прекршиле нивните граѓански права со воведувањето на забраната за движење поради епидемијата на коронавирусот. Федерацијата на БиХ воведе забрана за движење на лицата постари од 65 и помлади од 18 години во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот. Претседателот Уставниот суд на БиХ, Златко Кнежевиќ, изјави дека ги разбира ограничувањата, под услов мерките да се втемелени на препорака од медицинската струка и да имаат временско траење. („Аваз“)

Атина – Намалување на брановите бегалци и мигранти, намалување на бројот на лица сместени во прифатните центри на островите, зголемен број префрлања во континентална Грција, се главните заклучоци од извештајот за март на Министерството за миграција и азил на Грција за ситуацијата во бегалското/мигрантското прашање во земјата. Бројот на бегалци и мигранти, кои пристигнале на во Грција, на островите и кај Еврос, е намален за 16 отсто во текот на март, како во споредба со февруари годинава така и во споредба со истиот период лани. (МИА)


Бисер балкански

Антикорона-сојуз од Вашингтон до Москва

– Ако Кина и Русија можат да им помогнат на Србија и на другите земји од Западен Балкан, тоа е убава работа. Заедно ќе го победиме коранвирусот, а потоа насекаде би требало да следува укинување на привремените мерки и враќање кон почитувањето на граѓанските слободи. Земјите од Западен Балкан се во позиција соодветно да одговорат на заканата од коронавирусот, благодарение на САД и на другите земји, кои вложија многу да се развијат институционалните капацитети на овие земји – порача Метју Палмер, заменик на државниот секретар и специјален претставник на САД за Радио Глас на Америка, кој вели дека ова не е време за натпреварување и популарност и дека секоја помош е значајна.