Првата заразена со коронавирус на подрачјето на Босна и Херцеговина наводно присуствувала на прослава за осми март во ресторан во Зеница, пред да дознае дека е позитивна на вирусот, пренесува „Аваз“.

На прославата присуствувале околу 500 луѓе. Освен тоа, како што рекле нејзини блиски, таа користела и јавен превоз, поради што сите тие се во паника.

Педесет и една годишната жена била тестирана дома, а откако се вратила од Италија со членовите на нејзиното семејство. Првично се наоѓала во самоизолација, а денеска била пренесена во изолационен стационар на Кантоналната болница во Зеница.

Како што е денеска соопштено на прес-конференција од Кризниот штаб на Зеничко-добојскиот Кантон, освен жената, ќе бидат тестирани и двајца членови од нејзиното семејство.

Во меѓувреме, поради појавата на кроонавирусот во земјата, под надзор се наоѓаат околу 80 луѓе на подрачјето на Зеничко-добојскиот Кантон.