Додека граѓаните на Турција позајмуваат од банките за да купат злато, во Србија владее големо интересирање за земање кредити за купување станови

Побарувачката на златото во периодот на пандемија на коронавирусот повторно расте. Германците во првата половина на 2020 година купиле 83,5 тони злато, и со тоа ги поминаа Кинезите. Цената на овој благороден метал годинава пораснала за околу 25 отсто и во овој момент се движи околу 1.930 долари за унца. На почетокот на август достигна ниво од две илјади долари. Додека граѓаните на Турција позајмуваат од банките за да купат злато, во Србија владее големо интересирање за земање кредити за купување станови.
Брокерот Ненад Гујанчиќ изјави за „Политика“ дека порастот на вредноста на златото е последица на големата неизвесност со последиците од пандемијата врз глобалната економија.

– На ова влијаеја и големите монетарни и фискални стимулации што ги презедоа најголемите светски економии. Златото поскапе и поради слабеењето на доларот, чија вредност е инверзна во однос на движењето на цената на златото, затоа што неговата вредност традиционално се изразува во оваа валута – објаснува Гујанчиќ.
Неговите предвидувања се дека движењето на цената на златото во наредниот период во голема мера зависи од брзината на излегувањето на главните економии од рецесијата. Дополнително влошување на светското стопанство ќе предизвика нов бран на неизвесност, а златото ќе се смета за најдобар начин на зачувување на вредноста на капиталот за време на криза.
– Последните неколку години купувањето на златото доби на атрактивност, но тоа, секако, не претставува најголем дел од девизните резерви на повеќето централни банки. И натаму во државните резерви доминираат квалитетни должнички хартии на најважните светски економии.

Домашните граѓани може да купуваат злато или финансиски инструменти, но тоа не е раширена активност, поради неупатеноста на граѓаните. Кај Србите доминира штедењето во девизни депозити и покрај ниските камати. Централната банка лани ги зголеми девизните резерви, но тоа и натаму е минорен дел од девизните резерви од околу десет отсто – вели Гујаничиќ.
Во Народната банка на Србија велат дека кон крајот на јули 2020 година бруто-девизните резерви изнесувале 13,5 милијарди евра. Од тоа, околу 12,5 отсто од девизните резерви се резервите во злато (31,75 тон злато со вкупна вредност од 1,7 милијарда евра). Во истиот период лани НБС располагала со вкупно 20,16 тони злато, во вредност од 870,6 милиони евра.