Кризата предизвикана од ковид-19 ги отвори постојните слабости на земјите поврзани со владеењето на правото и демократското управување. Кризата ги зајакна владите, ги ослабе законодавните и надзорните функции на парламентите, ја ограничи слободата на медиумите и доведе до кршење на заштитата на личните податоци

Кризата што е предизвикана од пандемијата на ковид-19 ја истакна веќе постојната ранливост на земјите од Западен Балкан поврзана со владеењето на правото и демократското управување. Владите на Западен Балкан честопати преземаа селективни и произволни пристапи кон примена на ограничувања како одговор на пандемијата, понекогаш користејќи ги овие мерки за да ги замолчат нивните критичари и противници. Мерките може да имаат најтешки долгорочни ефекти и може да го загрозат пристапниот процес на Западен Балкан, поради заостанувањето на политичките критериуми на ЕУ. Сепак, ЕУ се чини помалку расположена владите на Западен Балкан да се извлечат од демократското заостанување, ова се заклучоците во документот на Европскиот совет за надворешни односи, во кој се анализира влијанието на пандемијата врз демократијата на Западен Балкан.
Во овој текст се дава преглед и на импликациите на ковид-кризата на процесот на пристапување кон ЕУ. Притоа, фокусот се става на два фундаментални аспекти на проширувањето: усогласеноста на земјите со политичките критериуми на ЕУ и усогласувањето на нивната надворешна политика со процесот. Во него му се посветува простор на влијанието на кризата врз демократското управување и почитувањето на човековите права, особено во врска со употребата на произволни или незаконски ограничувања врз граѓаните.

И покрај сите предизвици што ги носи, се чини дека кризата предизвикана од ковид-19 не донесе нова политичка ера во Западен Балкан. Наместо тоа, таа ги отвори постојните слабости на земјите поврзани со владеењето на правото и демократското управување. Кризата ги зајакна владите, ги ослабе законодавните и надзорните функции на парламентите, ја ограничи слободата на медиумите и доведе до зголемување на кршењето на заштитата на личните податоци и слободи.
Владите во Западен Балкан спроведоа остри мерки за спречување на ширењето на коронавирусот преку парични казни, па дури и притвори, што значеше и ограничување на мобилноста на граѓаните и слободата на собирање. Албанија беше првата земја на Западен Балкан што спроведе целосна блокада, со распоредување на војската и воведување полициски час. Албанската влада дури и го измени казнениот законик за да обезбеди правна основа за казнување на повредите на карантинските налози со затворски казни до 15 години. Слично на тоа, Црна Гора воведе блокирање контролирано од полицијата користејќи закана од економски казни и затворање. Српската влада воведе полициски час и налози за карантин од 14 до 28 дена за граѓаните што се враќаат од странство. Македонија спроведе слични мерки, вклучувајќи и полициски час за муслимански и христијански празници, затворање на границите и суспендирање на образовниот систем. Повеќето од овие ограничувања на слободата на движење и собирање беа привремени, но сепак стапката на заболени брзо се зголемуваше.
Во периодот на корона-кризата на удар се најде и слободата на медиумите во земјите од регионот. Ова се должи на вонредните мерки што ги воведоа владите за да се спречи паника предизвикана од ширење лажни информации. Иако ваквите ограничувања изгледаат оправдано, со оглед на опасноста од пандемијата, некои влади ги користеа за да ги замолчат критичките гласови и дополнително да ги ограничат слободата на изразување и слободата на информации.

Во Србија, Црна Гора и Косово, владите сè повеќе ги контролираа вестите за пандемијата, но не успеаја ефикасно да ги пласираат во јавноста медицинските информации што ги користеа за спроведување на ограничувањата. Во Босна и Херцеговина, официјалните комуникации за пандемијата беа расцепкани помеѓу различните нивоа на власт. Во исто време, владите на Западен Балкан поминаа релативно лошо во спротивставувањето на ширењето на дезинформациите и на теориите на заговор, кое ескалира низ целиот регион за време на кризата.
Правата за заштита на личните податоци се чини дека се уште една жртва на итните мерки во регионот. Здравствените досиеја на пациентите од ковид-19 беа нелегално објавени на Интернет во Србија и во Црна Гора. Властите во Србија, Македонија, Црна Гора и во Република Српска објавија имиња на луѓе што прекршиле мерки за самоизолација или карантин.
Паралелно со напорите на извршната власт во земјите од регионот за зајакнување на своите овластувања против пандемијата, сѐ поочигледно беше влошувањето на демократскиот надзор од парламентите и независните институции. Ваквиот надзор во голема мера беше неефикасен во повеќето земји во регионот, освен во Црна Гора и Косово. Парламентот на Македонија не се состана од неговото распуштање на 12 февруари и предвремените избори на 15 јули. До времето на изборите, претседателот на земјата прогласи вонредна состојба пет пати, дозволувајќи ѝ на преодната влада да управува со декрет. Маргинализацијата на парламентот во извршната власт е најочигледна во Србија. Претседателот Александар Вучиќ прогласи вонредна состојба и покрај фактот што, според Уставот, оваа одговорност паѓа на 250 пратеници во парламентот.

И покрај наведените слабости во демократските процеси, земјите од Западен Балкан треба да останат посветени на иницијативи за регионална соработка, а владите на земјите кандидати за пристап треба да останат фокусирани на макотрпниот процес на усогласување со рамката за преговори со ЕУ. Во заднината на епидемијата е присутен ризик процесот за пристапување кон ЕУ да отиде во заборав или да претрпи натамошно одложување, се посочува во документот на Европскиот совет за надворешни односи. Во овој контекст се споменува и улогата на Бугарија, која, како што се наведува во документот, „постојано го градеше својот имиџ како регионален лидер за пристапување во ЕУ“. Неодамнешното истражување на јавното мислење покажа дека повеќе од 80 проценти од Бугарите нема да го поддржат членството во ЕУ за Македонија ако земјата не може да ги исполни условите за историските спорови што ги изнесе Софија. Во 2019 година само 15 проценти од Бугарите имаа негативен став кон признавање на историјата на Македонија. Другите земји-членки на ЕУ се против увозот на билатерални прашања во рамката за пристапни преговори.