Специјалниот пратеник на американскиот државен секретар за Западен Балкан Метју Палмер не ја исклучува можноста за размена на територии меѓу Србија и Косово.

– На страните е да ги одредат параметрите на дијалогот – изјави тој во интервју за порталот „ЕУ обзервер“.

На прашањето во врска со можноста за размена на територии, тој вели дека САД го поддржуваат враќањето на преговарачка маса. 

– Тоа што ние го поддржуваме е страните да најдат начин да се вратат на преговарачката маса и да пронајдат пат кон нормализација на односите. Идеално би било со заемно признавање – истакна Палмер.

Тој не одговорил на прашањето за тоа дали позицијата на САД е спротивна од германскиот став дека размената на територии би можело да го дестабилизира регионот.