Заменик помошниот на државниот секретар на САД, Метју Палмер изјави дека САД и ЕУ имаат единствена политика кон Западен Балкан, но и дека е време лидерите од Западен Балкан да ја разберат својата улога, да покажат политичка храброст и своите земји да ги поведат кон ЕУ и НАТО.

Во интервју за Радио Слободна Европа во Сараево, каде учествуваше на состанокот ЕБРД, рече дека САД биле и ќе останат предани на регионот Западен Балкан и дека тоа е еден од приоритетите на американската политика.

-Ние вложивме многу енергија, пари и политички капитал во овој регион. Затоа ќе продолжиме да работиме на иднината на Западен Балкан- рече тој.

Додаде дека визијата на САД и ЕУ за регионот се разликува од онаа на Русија.

-Сакаме да видиме регион кој функционира според правила, начела, во согласност со институциите и транспарентно. Русија, од друга страна, можеби повеќе би сакала да види регион којшто е поделен и каде владеат тензии- укажа тој.