Хрватите најчесто штедат со купување недвижнини

Високите цени на становите во Хрватска се последица на психолошкиот ефект кај дел од граѓаните што без размислување купуваат некоја недвижност

Цените за недвижнини во Хрватска годинава пораснале за 10 отсто, што ги подгреа стравовите дека може да дојде до распад на пазарот, како што се случи и во 2007 година, кога имаше глобална рецесија. Економските експерти смируваат дека може да дојде до брзо стабилизирање на цените за становите и деловните објекти, затоа што сега пазарните услови се поинакви од пред дванаесет години. Тогаш се случи светската финансиска криза, невработеноста во земјата беше висока, задолжувањето во швајцарски франци беше поповолно, а граѓаните земаа кредити што беа повисоки за 120 отсто од вредноста на станот. Денес околу 60 отсто од купувачите ги купуваат становите во готово. Тие што се задолжуваат земаат кредити до 60 отсто од вредноста на недвижноста.

Алармот за прегревање на „балонот“ на пазарот на недвижнини го вклучи гувернерот на Народната банка на Хрватска, кој пред неколку години предупреди на проблемот со швајцарските кредити, поради кои многу граѓани имаат проблеми со нивно навремено враќање.
– Понудата на станови треба да ја достигне зголемената побарувачка. Досега не се градеше доволно и затоа има поголема побарувачка за станови. Од 2009 до 2016 година во Загреб речиси не се градеа станбени објекти – вели Боро Вујовиќ од Хрватската стопанска комора.

Балонот на пазарот на недвижнини е периодична флуктуација, а тоа се случува во моментот. Тој се појавува поретко, за разлика од пазарот на капитал и на акции, но затоа трае подолго време и последиците се поголеми.

– Оваа појава се случува во приморските региони и во градот Загреб. Сигурно е дека цените ќе растат побрзо од другите макроекономски агрегати. Тоа е првиот индикатор дека постои „балон“ тогаш кога има шпекулативни вложувања и поголема побарувачка од понуда – вели економскиот стручњак Велибор Мачкиќ за телевизијата Н1.
Има и спротивставени ставови за тоа дека не постои опасност од прегревање на пазарот, затоа што од 180.000 станбени единици што се продаваат во една година, се продава секоја шеста. Но ова се должи на слабиот квалитет на становите што се нудат, а некои од нив се продаваат во места за кои и реално нема кој да ги купи, поради големата миграција на Хрватите во странство.

Високите цени на становите се последица на психолошкиот ефект кај дел од граѓаните, кои се поведуваат по ефектот на „толпата“ и без размислување купуваат некоја недвижнина. Некои го гледаат тоа како можност своите пари да ги вложат на сигурно, затоа што е познато дека Хрватите најчесто штедат со купување недвижнини.
Експертите се согласни дека субвенциите што ги доделува државата за младите лица за купување станови не ги дале ефектите. Оваа мерка е поволна за богатите купувачи, па затоа се предлагаат нови мерки, како што е ограничување на цената на становите во зависност од жупаниите, а државните средства да се распоредат соодветно по одделни градови во Хрватска, за да се стимулираат младите да останат на своите огништа.


Повисоки цени поради новите прописи

Од почетокот на следната година станбените згради во Хрватска мора да се градат според стандардите за нулта толеранција во потрошувачката на енергија, кои се однесуваат и за училиштата, болниците и градинките. Ова за инвеститорите ќе значи и поскапа изградба на станови. Но овие трошоци долгорочно ќе бидат исплатливи за сопствениците за станови преку заштедата на енергијата за затоплување, осветлување и за готвење. Новите проекти за градба нема да добијат градежна согласност доколку не ги исполнуваат новите мерки, како и 30 отсто од енергијата да биде од обновливи извори.
Овие прописи не се однесуваат на старите градби. До 2050 година се очекува сите згради во Европа да бидат во согласност со стандардите за нулта потрошувачка. Според искуствата, над 40 отсто од потрошувачката на енергија во Хрватска отпаѓа на индустријата и на зградите за живеење и овде постои голем потенцијал за заштеда на енергија до 60 отсто.