Политичките противници на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакнаа дека неговиот повик за протерување на десетмина амбасадори од западните држави претставува обид за оттргнување на вниманието на јавноста од економските потешкотии на Турција, додека дипломатите се надеваат оти протерувањата можат да бидат избегнати, објавува „Ројтерс“.

Ердоган завчера соопшти дека наредил амбасадорите да бидат прогласени за „персона нон грата“ поради барањето за ослободување од затвор на турскиот претприемач и културен спонзор Осман Кавала. Во понеделникот амбасадорите на Германија, Франција, Холандија, Данска, Норвешка, Шведска, Финска, како и на САД, Канада и Нов Зеланд упатија апел во кој бараат брзо ослободување на Кавала, кој е во притвор од 2017 година, иако Европскиот суд за човекови права уште во 2019 година ѝ нареди на Турција да го ослободи.

Но до синоќа немаше назнаки дека турското Министерство за надворешни работи ги спровело инструкциите на претседателот, со кои се смета дека би се создал најголемиот јаз помеѓу Турција и Западот во 19-те години откако Ердоган е на власт.

Дипломатската криза се совпадна за загриженоста на инвеститорите за падот на турската лира, откако Централната банка под притисок за стимулирање на економијата, неочекувано ги намали каматните стапки за 200 поени минатата недела.

Турската лира достигна рекордно ниско ниво, ослабнувајќи за 1,6 отсто на вредност од 9,75 лири за еден долар. Лирата на тој начин годинава загуби речиси четвртина од вредноста.

Дипломатски извор на „Ројтерс“ наведува дека прашањето за протерување на странските дипломати би можело да биде разгледано на денешната седница на владиниот кабинет, како и оти уште е можно избегнување на неговата реализација.