Грција

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, ја предупреди Албанија доколку ја сака поддршката на Грција, да не го поставува прашањето за Чамите.
– Со целосна искреност ѝ порачувам на Албанија дека доколку ги сака нашето пријателство и добрососедство, нашата поддршка на европскиот пат, која, инаку, ѝ е неопходна, треба веднаш да ја признае неоспорната историска вистина за нацистичкото воено-криминално минато на Чамите и никогаш да не го споменува ова прашање во нашите меѓусебни односи. Нека разберат, тоа не е прашање на одмазда. Тоа е прашање на правда – изјавил Павлопулос, пренесува тиранската телевизија Ора њуз.

Според него, Чамите не биле прогонети од Теспотија, како што тврдат, туку побегнале за да не бидат судени како соработници на нацизмот, бидејќи тие морале да бидат судени зашто извршиле злосторства против човештвото.
– Дури и денес тие ги прикажуваат настаните поинаку. Тврдат дека, наводно, тие се бореле против нацистите и не биле нивни соработници. Тоа е провокативно искривување на историската вистина. Повторувам, секоја поддршка на ова искривување од соседна Албанија влијае и дури ги дефинира односите меѓу нас – констатира Павлопулос.

Според здружението на протераните Албанци Чами, Чамарија е територија во Грција во која живееле етнички Албанци, а останала надвор од Албанија на амбасадорската конференција во Лондон во 1913 година, кога областа ѝ била доделена на Грција. Во 1945 година повеќе од 35.000 етнички Албанци биле насилно протерани од нивните огништа.

Лидерот на Партијата за правда, интеграција и единство, Шпетим Идризи, позната како Партија на Чамите, побара од албанскиот премиер Еди Рама да реагира на изјавата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, во која ја предупреди Албанија да заборави на Чамите доколку сака грчка поддршка за нејзина евроинтеграција.
За Идризи изјавата на шефот на грчката држава е неприфатлива, антиисториска и заканувачка за евроинтеграција на Албанија.