фото: Влада на Р. Бугарија

Бугарија

Бугарскиот парламент го отфрли предлогот на премиерот Бојко Борисов за измени на Уставот, кој тој го достави во август, во обид да ја ублажи политичката криза во земјата. Некои од предлозите за уставни измени се однесуваат на: обврски на државата да „промовира наталитет“, општо ограничување на правото на глас за осудените на затворска казна, намалување на бројот на пратеници во Националното собрание од 240 на 120, поделба на Врховниот судски совет…
Предлозите за измени на Уставот на Бугарија добија критики и од Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања, која изрази жалење што не е спроведена соодветна јавна дебата за иницирање на уставните реформи.
Владата на Борисов ја почна иницијативата во обид да го намали притисокот од повеќемесечните протести, кои почнаа летоска во јули, на кои Владата се обвинува за врски со олигарсите и мафијата, при што се бара негова оставка и оставка од јавниот обвинител Иван Гешев и одржување фер избори.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој е противник на владата на Борисов, уставните измени ги нарече маневар за купување време и останување на власт до следните парламентарни избори, закажани за март 2021 година, објави „360 степени“.