Собранието на акционери на „Краш“ сака да го намали сопственичкиот удел на српската фирма КСЛ. Собранието донесе одлука со која надзорниот одбор во период од пет години може самостојно, без свикување на собранието на акционери, да донесе одлука за докапитализација во највисок износ од 250 милиони куни (33,6 милиони евра) и да го исклучи правото на првенство на одредени акционери при уписот на акциите, објави порталот на „Јутарњи лист“.

– Ова значи дека актуелниот надзорен одбор и управата може да донесат одлука за докапитализација на претпријатието, со што право на првенство нема да има „Капа стар лимитет“ (КСЛ), која минатата среда се стекна со 22,87 отсто од акциите и сериозно се приближи до процентот од 25 отсто – пишуваат медиумите во Хрватска.
Се проценува дека на овој начин КСЛ ќе падне под 20 отсто од акциите и намерата е со ваквата одредба, која во економскиот жаргон се нарекува „отровно апче“, затоа што менаџментот тежнее да ги купи акциите во нивната фирма, да се направи „невкусна“ за потенцијалниот инвеститор.

Сопственикот на КСЛ, Небојша Шарановиќ, за порталот „Новац.хр“ изјави дека е нејасно зошто ѝ се дадени толку широки овластувања на управата на „Краш“, без да се дадат насоки за цената на акциите, а згора на тоа да им се даде можност за исклучување на правото на првенство на некои акционери.

– Очекуваме КСЛ да има еднаков третман, како и сите други акционери во „Краш“. Веруваме дека оваа одредба, односно овластување дадено на управата, нема да се злоупотреби со тоа што новите акции би биле издадени по непримерно висока цена – вели Шарановиќ.

Од српската фирма не исклучуваат можност и од поведување судски спор во Хрватска и странство доколку се оцени дека дошло до злоупотреба од страна на актуелниот менаџмент на хрватската компанија за производство на чоколади.