Полицијата во Грција уапси припадници на турска терористичка организација откако во Атина беше откриен тунел во кој имало арсенал од армиско вооружување, пренесува „Катимерини“.

Единаесет члена на Револуционерната народноослободителна партија –Фронт (ДХКП-Ц), марксистичко-ленинистичка организација, беа уапсени во операција спроведена од грчката служба за борба против тероризам и Националната разузнавачка служба.

Единаесетмината се турски државјани иако се верува дека некои се со курдско потекло.

Во рациите извршени на имотите во областите Сеполија и Егзархија во Атина, полицијата открила тунел долг 47 метри во кој имало арсенал на оружје, вклучувајќи и противтенковски ракетен фрлач, минофрлачи, пушки АК-47, и пиштоли.

ДХКП-Ц е екстремно левичарска револуционерна комунистичка организација, класифицирана како терористичка организација од страна на САД, Велика Британија, ЕУ и турската влада. Групата, која е забранета во Турција, сака да го собори исламистичкиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и да основа марксистичка држава.

ДХКП-Ц, исто така, се спротивставува на т.н. американски империјализам во регионот и во минатото ги напаѓаше воените и дипломатските мисии на САД. Се верува дека е одговорна и за самоубиствениот бомбашки напад во Американската амбасада во Анкара.

Меѓу уапсените во Атина бил и еден 60-годишник наведен со кодното име „Костас“, за кој се верува дека е лидер на терористичката ќелија. Тој бил под надзор на владата по патувањата на грчките Додекански Острови во близина на крајбрежјето на Турција. Тој бил и уапсен во 2013 година за обид да прошверцува товар експлозив и оружје за Турција од Грција со брод.

Во 2017 година, девет члена на ДХКП-Ц беа уапсени во Грција под обвиненија за тероризам пред државната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган – но минатата година обвиненијата беа повлечени.