Федералната влада на Босна и Херцеговина донесе одлука за почнување активности за доделување концесии за истражување и експлоатација на нафта и гас на просторот на БиХ. Јавното наддавање ќе се однесува на четири блока, на површина од 5.115 квадратни километри на просторот на Панонскиот базен и на Динаридите. Со одлуката на Владата се пропишуваат планирањето и изведувањето на истражувањето и експлоатацијата на секој блок да биде во согласност со ограничување и мерките за заштита на околината, како и според условите и ограничувањата од просторните планови во ФБиХ.

Меѓународниот тендер е распишан на 7 јануари годинава, а ќе биде отворен шест месеци.

Три блока за истражување се на просторот на Панонскиот базен, а еден во регионот на Динаридите. Наоѓалиштата се доделуваат на период на експлоатација на 25 години максимално.

Од Министерството за енергетика на ФБиХ за „Аваз“ изјавија дека сѐ уште не е стигната ниедна понуда, а првите официјални барања за истражување и експлоатација на нафта и гас се очекуваат во април годинава.