Фото: Архива/Игор Бансколиев

Поминаа три години откога од Нови Сад беше промовирана идејата за поголема регионална економска соработка, а стопанствениците наидуваат на истите проблеми на граничните премини. Камионите со млеко или овошје по три дена чекаат да завршат „сложените“ процедури на царинските служби на трите земји што ја поддржуваат оваа иницијатива

Иницијативата за поголема регионална економска соработка заглави во
административни процедури

Пораките за укинување на границите за брз транспорт на производите меѓу Албанија, Србија и Македонија, кои редовно се испраќаат од состаноците на иницијативата „Отворен Балкан“, сѐ уште немаат практична реализација. Поминаа три години откако во Нови Сад беше промовирана идејата за поголема регионална економска соработка, а стопанствениците наидуваат на истите проблеми на граничните премини. Камионите со млеко или овошје по три дена чекаат да завршат „сложените“ процедури на царинските служби на трите земји што декларативно ја поддржуваат оваа иницијатива. Досега, регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан се одвива главно на политичко ниво и тоа само во формат на одржување периодични состаноци, на кои се повторуваат истите заложби за забрзување на слободниот проток на производи, услуги, капитал и луѓе.
Единствен позитивен напредок преку „Отворен Балкан“ е направен со воспоставувањето поблиски односи на релацијата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, кои се и најгласните промотори на оваа регионална иницијатива, сметаат политиколозите од регионот.
– Овие односи порано не постоеја и тие ги намалуваат тензиите меѓу Белград и Приштина, иако Вучиќ и Рама имаа несогласување околу Косово, но тоа не ги спречи редовно да се состануваат и да разговараат – вели Наим Бешири, директор на Институтот за европски работи од Белград, за „Дојче веле“.
Според него, сѐ уште нема некои видливи ефекти од средбите на балканската лидерска тројка, а како што забележува за регионално балканско поврзување нема поголема поддршка ни внатре во Европската Унија. За Бешири „Отворен Балкан“ е само уште еден список на убави замисли и добри намери, кои веќе биле присутни на Западен Балкан.

– Во оваа иницијатива се вложува премногу медиумска и секаква друга енергија, која би можеа да се искористи за вистински реформи и спроведување на законите во Србија, Македонија и во Албанија, кои реално ќе ги отворат патиштата кон членство во Европската Унија – вели Бешири.
Укинувањето на границите меѓу трите држави сѐ уште се држи на политичко ниво, но тоа мора да се „симне“ меѓу ресорните министерства и стопанските здруженија и агенции, за навистина да почне да функционира.
Засега, според расположението и официјалните изјави на земјите од соседството, промени нема и во приемот на нови членки. Ставот на косовските власти е непроменет и тие не сакаат да партиципираат во „Отворен Балкан“, додека во Црна Гора и во Босна и Херцеговина имаат други приоритети поради нарушените внатрешни меѓупартиски и меѓуетнички односи. Најголем оптимист во однос на проширувањето на „Отворен Балкан“ е албанскиот премиер Еди Рама, кој на средбата во Белград рече дека „верува оти Албанците постигнаа многу со тоа што ја убедија Србија да го прифати ’Отворен Балкан‘ за шест земји“ и додаде дека е „важно што Србија прифати дека нема граница меѓу Албанија и Косово“. За ставот на Црна Гора, албанскиот премиер објасни дека очекувањата на Подгорица се дека следната година ќе бидат примени во Европската Унија, но во спротивно, единствена опција им е приклучување кон „Отворен Балкан“.
– Воопшто не разбирам зошто би требало да се отфрли оваа можност и зошто луѓето мора да страдаат, оние луѓе на кои им е потребно тоа првенствено заради нивната работа, заради нивниот бизнис и заради нивната слобода на движење. Јас не го разбирам тоа – рече албанскиот премиер.

Рама во разговор за „Њуз 24“ изјави дека пристапот на Приштина не води никаде, но тој е убеден дека оваа иницијатива е потребна и во функција на ослободување на многу затворени потенцијали во овој регион и олеснување на дијалогот и конечно решавање на косовското прашање.
Незадоволство од досегашното спроведување на иницијативата „Отворен Балкан“ искажаа и бизнисмените од трите земји, кои на состанокот во Белград, проговорија за проблемите со кои се соочуваат на граничните премини. Од последниот состанок во Скопје, пред три месеци, извозниците на млеко сѐ уште чекаат за влез на македонска територија по три дена, а истото тоа се случува и со извозот на овошје од Македонија. Како решение за големите застои во царинските процедури, учесниците на белградскиот состанок предложија формирање имплементациски совет, кој ќе ги преиспита сите слабости на царинските служби, кои го спречуваат слободниот проток на производите. Во периодот што следува ќе бидат организирани состаноци на царините на трите земји, шпедитерите и фотосанитарните инспекции, за да се надминат проблемите што се јавуваат на терен.
Како дел од заклучоците, учесниците на состанокот во Белград потпишаа и заедничка изјава за „иднината на проширувањето – погледот кон регионот“, во која се повикува Европската Унија да се посвети целосно кон регионот. Од Белград минатата недела беше испратена и пораката дека „Европската Унија треба и мора да ги истражи сите патишта за побрза интеграција на Западен Балкан во перидот што следува, заедно со своите обврски за фазно пристапување како што е дефинирано во новата методологија“.