Косово решително одбива, Црна Гора тактизира, а Босна и Херцеговина е поделена за донесувањето одлука за пристапување на тројниот економски сојуз на Албанија, Србија и Македонија

Шесте земји од Западен Балкан се поделени во два спротивставени „табора“ кога е во прашање на формирањето заедничка регионална соработка под називот „Отворен Балкан“. Во групата поддржувачи на поголемо економско поврзување се Албанија, Србија и Македонија, а во втората група се Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, кое има најригиден став за развивањето заеднички балкански економски простор. Властите од БиХ и Црна Гора досега се држеле „понеутрално“ во однос на пристапувањето на „Отворен Балкан“.

По две години од објавувањето на иницијативата за регионалната соработка во форматот на мини-шенген, сѐ уште нема одлука од заедничките органи на Босна и Херцеговина за пристапување на тројниот сојуз на Албанија, Србија и Македонија. Минатата година српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, побара да се пристапи кон оваа иницијатива, но поради неодлучноста на другите два члена на Претседателството беше испратена само начелна поддршка на идејата. Како компромисен изговор беше задолжен Советот на министри на БиХ да направи анализа за придобивките од евентуалното пристапување кон „Отворен Балкан“.

Како што јавува дописникот на „Политика“ од Бања Лука во Босна и Херцеговина, не се сите против заедничката регионална соработка, а најголеми приврзаници на оваа идеја се стопанствениците. Според ставовите изнесени од политичките лидери во Сараево, најголем отпор има од партијата СДА, предводена од Бакир Изетбеговиќ. Во ентитетот Република Српска има општ консензус за пристапување кон „Отворен Балкан“.

Во анализата на сараевски „Дневен аваз“ се забележува тоа што „соседите без БиХ започнале со реализацијата на иницијативата ‘Отворен Балкан’“. Во текстот со наслов „Џаферовиќ и Комшиќ ја претвораат БиХ во европска Газа“ се наведува дека поддршката на Вашингтон ги демантира невистините од Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ за тоа дека „Отворен Балкан“, наводно, нема поддршка од САД и ЕУ, а дека станува збор за некаков „подмолен“ потфат на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, преку економската унија, да создаде некаков „српски свет“ или нова Југославија.

По состаноците во Брисел, доаѓа до промена на ставот на Комшиќ и Изетбеговиќ, кои и без анализата за исплатливоста за пристапување во „Отворен Балкан“, даваат вербална поддршка на иницијативата на Рама – Вучиќ – Заев. Изетбеговиќ тоа го оцени како „голема шанса за БиХ“. По ова повторно следува празен простор, без да се преземат конкретни чекори кон поголема регионална соработка.

Славен Ковачевиќ, советник на Жељко Комшиќ, хрватскиот претставник во Претседателството, „Отворен Балкан“ го нарече „српски свет“, кој не може да биде институционален дел на ЕУ-интеграциите. Џаферовиќ објасни дека нема да влезат во ниедна регионална иницијатива што не е во рамките на европскиот пат на БиХ.
За разлика од нив, лидерот на опозицискиот Сојуз за подобра иднина, Фахрудин Радончиќ, смета дека со економското стабилизирање на регионот се станува подобар кандидат за прием во ЕУ.

Златко Лагумџија, поранешен претседател на СДП и поранешен министер за надворешни работи на БиХ, смета дека непристапувањето кон „Отворен Балкан“ значи деловите на федерацијата да „станат Западниот брег и Газа во Европа, кои ќе бидат темни вилаети и опкружени со ЕУ и малиот шенген“.
– Не знам кому му пречи во Сараево краставиците од Подриње да не чекаат на границите. „Отворен Балкан“ не е руска замка. Дотаму заглавија во својата површност и популизам што и Еди Рама го ставија во лидерите што го создаваат српскиот свет – забележува Лагумџија.

Одговорот на официјална Подгорица е дека Црна Гора ќе се фокусира на „Заеднички регионален пазар“, иницијатива во рамките на Берлинскиот процес, која е посоодветна за земјата отколку иницијативата „Отворен Балкан“ почната од Србија, Албанија и Македонија. Во изјава за „Вијести“, главниот преговарач на Црна Гора, Зорка Кордиќ, објасни дека Црна Гора е најнапредната земја во регионот кога станува збор за процесот на интеграција во ЕУ.
– Владата го поддржува спроведувањето на регионалните иницијативи исклучиво како инструмент за побрз пристап во ЕУ. Затоа, ние првенствено се фокусираме на имплементацијата на акцискиот план за заедничкиот регионален пазар под покровителство на Берлинскиот процес, како политичка иницијатива што ги вклучува сите земји од Западен Балкан – нагласи Кордиќ.

Кордиќ го пренесува ставот на Владата на Црна Гора дека „Заеднички регионален пазар“ бил поинклузивен од „Отворен Балкан“, бидејќи покрај четирите слободи на движење, се однесува и на дигиталната инфраструктура, иновациите и единствената инвестициска политика според стандардите на ЕУ.
– Тој е комплементарен со нашиот стремеж за членство во ЕУ и обезбедува рамка за користење на средствата од економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан во вредност од девет милијарди евра. Исто така, верувам дека мерките за рана интеграција во контекст на ревидираната методологија за пристапување во ЕУ може подобро да се постигнат преку „Заеднички регионален пазар“, кој е посеопфатна иницијатива од „Отворен Балкан“ – вели Зорка Кордиќ.