Хрватска

Земјите-членки на ЕУ го усогласија заклучокот со кој потврдуваат дека Хрватска ги исполнила сите услови за влез во шенген-зоната што го отвора патот кон конечната одлука за влез во просторот без контрола на внатрешните граници на Унијата. Усогласениот заклучок завчера формално беше усвоен од министрите за внатрешни работи на државните-членки на ЕУ.
– Министрите во рамките на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ усвоија заклучоци за исполнување на потребните услови за целосна апликација за критериумите за шенген. Ова е важен ден и одлука што нѐ доближи уште повеќе до исполнување на стратегиската цел на хрватската влада за влез во шенген-зоната – соопштија на Твитер од хрватското дипломатско претставништво.
Информацијата јавно ја потврдија и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и Алеш Хојс, министер за внатрешни работи на Словенија која е моментален претседавач со Советот на ЕУ. Конечната одлука за влез на Хрватска во шенген-зоната би можела да се донесе за шест месеци за време на француското претседателство, а за тоа да се случи ќе биде потребна согласност од сите држави што се веќе во шенген-зоната.
Во шенген-зоната сè уште не се влезени и Бугарија и Романија, иако заклучоците за подготвеноста за нив се усвоени уште во 2011 година.
Пред неколку месеци за прием на овие земји во зоната апелираше и Европската комисија. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, пак, досега неколкупати ги кажа своите очекување дека Хрватска ќе стане членка на шенген-зоната во 2022 година.