Едно лице загина, а деветмина други се повредени синоќа при експлозијата во рафинеријата за нафта во Босански Брод, во северна Босна и Херцеговина, во близина на границата со Хрватска, соопшти денеска Полициската управа на Добој.

Како што јави агенцијата Фена, тројца повредени се хоспитализирани во болницата во Босански Брод, а шестмина се префрлени во Добој, од кои петмина се задржани на лекување, 

Повредените се со лесни повреди, но ќе останат во болница за натамошно следење на состојбата.

Експлозијата во рафинеријата се случи околу 21,30 часот во близина на фабриката „05“, во која се обработуваат нафта и гас.  Пожарот, што настана по екслозијата, п ротивпожарните единици го изгаснаа за неколку часа.

Полицијата потврди дека увидот започнал денеска, но засега не се соопштени детали за причината за експлозијата.

По експлозијата во реката Сава утрово е забележана нафтена дамка. Жупанот на хрватската Бродско-посавска Жупанија. Даниел Марушиќ изјави дека претставници на надлежните служби се на терен и дека е ангажирана фирма која се занимава со санација на такви загадувачи, како и пожарникари, кои, како што рече, треба да ја санираат оваа ситуација.

– Ова утро на реката Сава е забележана нафтена дамка од околу 10 метри, изјави Марушиќ. 

Локалните власти уверуваат дека нема загадување на воздухот во хрватскиот град Славонски Брод и дека нема опасност по здравјето на луѓето.

Експлозијата била мошне силна и ги вознемирила жителите од двете страни на реката Сава, долж која минува границата меѓу БиХ и Хрватска.

Рафинеријата во Босански Брод е единствена рафинерија во Босна и Херцеговина. Таа е сопственост на руската компанија „Зарубжњефт“ и вработува околу 900 лица.