Во Албанија последните две недели се евидентирани 55 кривични дела за корупција и злоупотреба на службената положба од страна на носители на јавни функции. Министерката за правда, Етилда Ѓонај, изјави дека кривична постапка е почната за 80 лица, при што 11 се во притвор, додека 69 се бранат од слобода.

– Меѓу оние што добија кривична пријава е и еден професор од Факултетот за информатичка технологија на Универзитетот во Валона, кој во медиумите беше посочен дека зел поткуп за положен испит – истакна Ѓонај, која е координаторка на антикорупциската комисија.

Таа упати апел до сите студенти и професори да го пријават секој случај на корупција во образовниот систем, не само за да се спречи корупцијата туку и за да биде казнет секој „што врши корупција со иднината на студентите“.