Турскиот карикатурист Муса Карт, кој е осуден на повеќе од три години затвор, денеска ја освои Меѓународната награда за цртеж во печат.

Наградата се доделува на секои две години на истакнати карикатуристи, особено на оние кои работат во услови на авторитарните режими.

Карт од опозицискиот весник „Џумхуриет“, беше еден од 14 соработници на весникот, кои добија казни затвор од 2,5 до 7,5 години по обвиненија за поддршка на терористички организации.

Осудените беа обвинени за врски со движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој според Анкара, стои зад обидот за преврат во јули 2016 година, како и за поврзаност со бунтовниците од Курдаката работничка партија.

Карт (64) беше осуден на три години и девет месеци затвор. Нему му е забрането да ја напушта земјата додека чека завршување на жалбената постапка на пресудата. По обидот за преврат, Карт мина девет месеци во затвор.