Новинарката на „Вијести“ Оливера Лакиќ, која беше ранета синоќа пред својот стан во Подгорица, се наоѓа вон животна опасност, објавено е на интернет страницата на „Вијести“.

Лакиќ беше ранета во ногата, здобивајќи се со прострелна рана на десната потколеница.

Црногорската влада остро го осуди нападот врз новинарката, со барање до надлежните да спроведат „брза и ефикасна“ истрага.

Нападот го осудија и претставниците на ЕУ, САД и Велика Британија во Црна Гора.

Невладината организација „Медија центар“ за најновиот напад врз новинарката Лакиќ ги смета за „најодговорни“ новоизбраниот претседател Мило Ѓукановиќ и премиерот Душко Марковиќ.

Оваа организација укажува дека Оливера Лакиќ со своето пишување укажувала на организираниот криминал и „затоа станала цел“.

Новинарката Лакиќ беше нападната и претепана пред шест години исто пред зградата во која живее, по серијата текстови за нелегалното производство на тутун во некогашната фабрика кај Мојковац.

Мотивот за тој напад не беше откриен.