Првпат откога дојде на власт српскиот претседател Вучиќ се чувствува вознемирено

Со завчерашниот обид на дел од опозицијата, предводена од лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, за преземање на РТС, се случува пресврт во одвивањето на граѓанските протести

Опозицијата во Србија постави услов до вчера, до 15 часот, да бидат ослободени приведените за упадот во зградата на РТС. Според лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, тие се деца на возраст од 18 до 20 години и побара лидерите на опозицијата да бидат секојдневно на програмите на државната телевизија и радио. Доколку српската полиција не ги ослободи, организаторите ќе продолжат со протести до исполнување на барањата.

– Сите уапсени што имаат меѓу 18 и 20 години се испратени во различни судови, каде што им се изречени различни мерки, од 48 часа приведување до притвор од еден месец – нагласи Обрадовиќ.

Граѓанските протести, кои три месеци се одржуваат низ градовите во Србија, донесоа една важна новина на политичката сцена, а тоа е што првпат се јавува свеста дека не е доволно да се симне од власта автократскиот владетел, туку дека треба промена на цел систем. Граѓаните го изразуваат своето незадоволство од катастрофалното владеење на Александар Вучиќ и реагираат на постоењето на партиска држава, за владеењето на политичка олигархија, која целата земја ја става во своја сопственост, со пропаднати институции, неслободни медиуми и дејствување на локални моќници. На граѓаните им е доволно од животот на одземената држава, пишува аналитичарот Томислав Марковиќ во својата анализа за состојбите во Србија, која е објавена на „Ал џезира“.

Демонстрациите во Србија започнаа во организација на опозициските партии и набргу прераснаа во граѓански протести. Самите демонстранти манифестираа и одредена дистанца кон опозициските партии. Опозицијата, која беше ставена во втор план, повеќе се возеше зад граѓанските протести. Од ова произлезе и „договорот со народот“, а кој се состоеше во промена на политичкиот систем, што претставуваше вовед во создавање од автократска држава во држава со владеење на правото и поделба на власта на контролна и извршна.

Со ширење на бранот на граѓанското незадоволство низ Србија, власта стануваше сѐ понервозна. Медиумската машинерија под контрола на власта не се снајде добро во новите околности. Медиумите под контрола на власта продолжија со вообичаеното релативизирање и прикажување на демонстрантите како приврзаници на насилство, иако протестите се одвиваа во мирна атмосфера. Според Марковиќ, првпат откога дојде на власт српскиот претседател се чувствува вознемирено, што го принуди да преземе мерки против свои сопартијци што ја злоупотребиле својата функција.

Со завчерашниот обид на дел од опозицијата предводена од лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, за преземање на РТС, се случува пресврт во одвивањето на граѓанските протести. Радикализацијата на протестите во Србија носи две промени. Прво, Двери излегува од сенката и го презема приматот во протестите, додека другите партии беа само проследувачи на настаните. Второ, актуелната власт конечно доби оправдување за да ги прогласи демонстрантите за насилни, која засилена со медиумската пропаганда ќе може посилно да ги напаѓа протестите на граѓаните
– Упадот во РТС изгледа како глупав и непромислен потег, а опозицијата како да си пука во нога. Од преносот во зградата на јавниот сервис се стекнува впечаток дека никој од лидерите на опозицискиот блок Сојуз за Србија не ни знаел дека е планирано вакво нешто. Изгледаше дека Обрадовиќ дејствувал на своја рака – констатира Томислав Марковиќ.

Јован Комшиќ, професор по социологија на новосадскиот универзитет, во изјава за Радио Алодоба Европа, рече дека упадот во РТС ѝ нанесе повеќе штета на опозицијата отколку корист.

– Мислам дека овој дел на опозицијата, оној поекстремниот, кој е предводен од Бошко Обрадовиќ, ѝ ја отсече гранката на која опозицијата можеше посериозно да седи. На овој начин ѝ овозможи на власта да ја пласира приказната дека партиите од опозицијата не се подготвени за мирен политички натпревар – смета Комшиќ.


Вучиќ се подготвува за предвремени избори

Директорот на белградската полиција Владимир Ребиќ вчера изјави дека при упадот на опозицијата на РТС се повредени шест полицајци и се приведени 18 лица.
– Ако продолжат протестите, ќе мораме да ангажираме повеќе полициски службеници. Ги повикувам граѓаните да се воздржат и протестите да бидат во согласност со законот – порача директорот на српската полицијата.
По повод барањата приведените лица да бидат ослободени, Ребиќ истакна дека Србија е правна држава и дека полицијата не се меша во одлуките на другите надлежни органи.
Претседателот Вучиќ во завчерашното интервју за ТВ Пинк изјави дека можел да излезе од претседателската палата „во кое било време, но сакал да избегне некој да биде повреден“.
Вучиќ не ја исклучи можноста од одржување предвремени парламентарни избори, на кои, како што рече, повторно ќе победи доколку „овие хистеричните не завршат со мене до Велигден“.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека насилните демонстрации на дел од опозицијата во изминатите два дена во Белград испратиле грда слика, предизвикувајќи ѝ голема штета на Србија и неразбирливо е што за овие настани не се огласи ниту една амбасада, ниту ЕУ.
– Очигледно дека овие луѓе имаат некаква поддршка од Запад – оцени Дачиќ.
За портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, протестите се основна вредност и суштинска карактеристики на демократијата, што треба да се почитува, но и дека тие треба да останат мирни и во рамките на законите.
Опозицискиот Сојуз за Србија (СзС), кој е еден од организаторите на протестите, порача дека сѐ уште чека одговор на барањата за ослободување на приведените до 15 часот и излезе со тврдења дека немало напади врз полицијата.