Албанската полиција сѐ уште нема информации кој стои зад оружениот напад во кој со автоматска пушка „калашников“ завчера по полноќ рафално било пукано во домот на родителите на новинарката Клодиана Лала. По увидот полицијата соопшти дека непознати сторители испукале десет куршуми, кои завршиле во ѕидовите на објектот, прозорците и влезната врата.

Во нападот нема повредени лица. Новинари и претставници на албанските медиуми, на кои им се придружија и граѓански организации и жители на Тирана, одржаа протестен марш на плоштадот „Народни херои“ во знак на поддршка за новинарката Клодиана Лала. Нејзините колеги во рацете држеа пароли на кои пишуваше: „Со тебе сме Клодиана“.

– Овој настан е само уште една потврда колку е тешка состојбата во нашата земја. Бараме од институциите да го расветлат случајот и сторителите да ги извадат пред лицето на правдата – порачаа новинарите.

Клодиана Лала е позната по нејзините истражувачки стории во кои открива многу случаи на корупција во кои се вмешани и лица од власта. Од вчера таа има полициска заштита. Во реакцијата лидерот на опозициската демократска партија Љуљзим Баша, покрај силната осуда, оценува дека тоа е потврда за небезбедноста на граѓаните на Албанија особено на новинарите што се осмелуваат да пишуваат за „криминалот на Владата на Рама и неговите пријатели“.

– Оружениот напад врз новинарката Клодиана Лала, која неодамна ја откри поврзаноста на пратеникот на Еди Рама, Јоргис Чурбја со криминалната банда на Емилијано Шулази, е потврда дека криминалот во оваа земја е недопирлив – стои во реакцијата на Баша. Полицијата не соопштува детали во интерес на истрагата.