Група демонстранти протестираа против учеството на унгарскиот премиер Виктор Орбан на собирот на лидерите на 18-те земји-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), која се одржува во Загреб.

Демонстрантите носеа транспаренти „ХДЗ – прва линија на Орбан“, „Депортирајте го Орбан, а не бегалците“ и „Смрди на фашизам“.

Организатори на протестите беа Центарот за мировни студии, иницијативата „Добре дојдовте“ и невладината организација „Граѓаните организирано го надгледуваат гласањето“ (ГОНГ).

– Сакаме Европа и ЕУ во кои еднакво важат човековите права и еднакво важи владеењето на правото и во која нема црни оази, како што е Унгарија, каде што се загрозуваат темелните вредности – изјави за ХИНА претставничката на ГОНГ, Јелена Берковиќ.

Виктор Орбан на прашањето на новинарите за нарушените односи меѓу Хрватска и Унгарија во врска со сопственоста на енергетските компании ИНА и МОЛ и одбивањето да се испорача Золтан Хернадиј, шефот на МОЛ, рече дека тој проблем претставува трн под ноктот.

– Тоа е мала повреда, но може да предизвика инфекција и треба што поскоро да се извлече – рече Орбан.

На самитот на ЦЕИ, покрај лидерите на земјите-членки на Организацијата или нивни претставници, учествуваше и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

ЦЕИ е основана во 1989 година во Будимпешта, а нејзини сегашни членки се Австрија, Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Италија, Македонија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Украина, Унгарија, Хрватска, Црна Гора и Чешка.