Прогнозите не се оптимистички, со оглед на кадровските и материјалните ограничувања на институциите во БиХ во поглед на промената на однесувањето на поранешните борци на Исламската држава

На Босна и Херцеговина ѝ претстои неизвесен период во процесот на ресоцијализација на џихадистите повратници. Изминатиот месец беше депортирана првата група борци што се државјани на БиХ а кои се бореле на страната на Исламската држава. Седуммина борци, шест жени и дванаесет деца со воен авион на НАТО беа вратени во земјата. Петмина борци веднаш беа ставени во затвор, бидејќи за нив беше распишана меѓународна потерница. Двајца беа однесени во полиција да дадат искази, но веројатно и нив ги чека обвинение. Но домашната експертска јавност се прашува што ќе биде со жените и децата, но и што ќе биде со џихадистите што нема да бидат во затвор или откако ќе ја отслужат казната.

Надлежните институции во БиХ немаат капацитет да се справат со верски индоктринирани борци и да влијаат тие да го сменат своето убедување. Прифаќањето на повратниците од воените региони е предизвик и за многу напредни држави, вели во коментар за „Дојче веле“ професорот и декан на Сараевскиот факултет за криминалистика, криминологија и безбедносни студии, Неџат Корајлиќ.

– Нашето општество, во овој момент, не е подготвено за квалитетна ресоцијализација. Затворските чувари со само еден психолог или педагог не можат да обезбедат квалитетна ресоцијализација. Со лицата што се осудени за тероризам би требало да работат тимови стручњаци за криминологија, социологија, психологија – вели Корајлиќ.
Стручњаците истакнуваат дека е тешко да се предвиди како некоја личност ќе се однесува по отслужувањето на затворската казна и дали осудените терористи ќе ги променат ставовите по издржувањето на повеќегодишната робија. Прогнозите не се оптимистички, со оглед на кадровските и материјалните ограничувања на институциите во БиХ.

– Самата затворска казна не е доволна за промена на однесувањето на осуденото лице. Верската индоктринација е повеќеслоен феномен – вели Елвира Чекиќ, професорка по психологија на Факултетот за криминалистика во Сараево.
Од нивната гледна точка, тие се спасители и ослободители на својот народ од „неморалниот“ и „алчен“ Запад, кој се обидува да им го одземе нивниот начин на живот и вредност и да наметне свој, објаснува таа.

– Во овој случај, фундаментализмот не се појавува како враќање на традицијата и изворните принципи на исламот, туку е бунт против Западот и сѐ што се подразбира под тоа. Затоа е тешко да се очекуваат посебни свртувања во нивните погледи на општествените случувања – вели Чекиќ.

Првата група е само дел од државјаните на БиХ што се наоѓаат на територијата на Сирија. Се претпоставува дека во воените подрачја се наоѓаат уште 70 државјани на БиХ и нивните деца.