Албанската обединета опозиција, предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, ја бојкотира и втората седница на Собранието, која се одржа вчера, по завршувањето на летните одмори. Наместо во собраниската сала во Тирана, пратениците на опозицијата се собраа во градот Елбасан, за да протестираат против „рапидно зголемениот криминал“ и несигурноста што ја чувствуваат жителите на овој град.

Деновиве во Скадар се стационирани и големи полициски сили за расветлување на низата тешки криминални дела, кои, според албанските медиуми, градот го направиле небезбедно место за живеење.
Лидерот на најголемата албанска опозициска партија, Љуљзим Баша, најави максимална ангажираност на опозицијата за „ослободување на земјата од криминалот“.

По седницата што опозициските парламентарни партии ја одржаа во северниот град Скадар, Баша преку социјалните мрежи рече дека Демократската партија и опозицијата ќе продолжат да бидат на страната на граѓаните во соочувањето со криминалните банди во Скадар, Елбасан, Драч, Валона и насекаде каде што ги има.

– Заедно ќе ги ослободиме власта и земјата од криминалот. Без компромис – напиша Баша.

Обединетата опозиција ја бојкотира работата на албанскиот парламент и одржа вонредна седница во Скадар, поради зачестениот криминал и мафијашките убиства во овој град.

На седницата беа упатени тешки обвинувања до актуелната влада на премиерот Еди Рама, која, како што рекоа опозиционерите, „ја зафатил криминалот“, дека албанските граѓани живеат во страв, особено во Скадар, каде што во последните три месеци се случиле шест мафијашки убиства, има две исчезнати лица, а две деца се ослободени откако е платен откуп.