По завчерашното осумкратно убиство, што се случи во селото Ресул кај Валона, кога маж уби осум а повреди шест негови роднини, албанската опозициска Демократска партија го обвини премиерот Еди Рама за отсуството на каква било реакција од негова страна, „продолжувајќи го мирно одморот со семејството“.

Прво реагираше лидерот на партијата Љуљзим Баша, кој изрази длабоко сочувство до блиските на убиените и оцени дека настанот, кој ја вознемири целокупната албанска и поширока јавност, претставува потврда за загрижувачката небезбедност, која секојдневно се зголемува.
По Баша реагираше и Еди Палока, координатор на пратеничката група на ДП во албанското собрание, кој го обвини премиерот Рама дека воопшто не кажал ниту еден збор на утеха за семејствата на убиените, но затоа продолжувајќи го одморот во Валона, на Фејсбук напишал: „Ви посакувам спокоен викенд“.

– Трагедијата со право го вознемири секој Албанец. Единствен што продолжува да живее во друг свет е премиерот на оваа змеја. Во овие загрижувачки моменти тој одмора во Валона од каде што посакува спокоен викенд. Цинизам е еден премиер да не најде ниту миг за никого – обвинува Палока.
За третата по големина политичка партија, опозициското Движење за социјалистичка интеграција, настанот е последица на нерешените матни проблеми во една од најсиромашните области во земјата, која е заборавена од Владата.

– Изразувам длабоко сочувство до блиските на убиените и им посакувам што побрзо закрепнување на повредените. Овој трагичен настан е последица на нерешените прашања околу имотот во оваа област во земјата, погодена од феноменот на дрогата, од сиромаштијата и емиграцијата. Оружјето и понатаму останува во рацете на граѓаните, а Владата не презема ниту чекор за негово собирање, оставајќи ги граѓаните сами да пресудуваат – изјави Шезаи Рокај, пратеник од Валона, изнесувајќи го партискиот став.

Тој додава дека иако областа е богата со нафта и располага со многу природни убавини, Владата сосема ја заборавила.
На социјалните мрежи на кои има низа реакции, граѓаните изразуваат револт што иако настанот е еден од најсмртоносните во последните децении во Албанија, „албанскиот државен врв воопшто не е загрижен и продолжува со одморот како во земјата да е сѐ во ред“.