Лидерите на најголемата албанска опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, и на третата по големина партија Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, повикаа на „обединување против злото и криминалната секта на власт“.
– Слободното општество реагира кога се прави неправда, кога државата станува прекршител на законот. И пред 50 години, диктатурата беше малцинство и користеше страв против народот. Бидејќи тие беа малцинство сфативме и се обединивме.

Најдивата диктатура во Европа ја соборивме со единството на граѓаните. Нема потреба од херојско дејствување. Важно е да станете и да се придружите. Ако само младината на Берат стане, бидете сигурни дека злото добива смртоносен удар. Нема доволно полицајци, лисици и затворски ќелии за целиот народ – порача Баша од средбата со младите во градот Берат.

Тој им гарантира на младите голема разлика во споредба со денешната власт, бидејќи, како што посочи, ниту нему, ниту на ДП не им недостигаат план, визија и волја да го стават прашањето на младите како апсолутен приоритет на идната влада предводена од демократите.

Претседателката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, чија партија е дел од обединетата опозиција, апелира за обединување против „криминалната секта“.

Таа на средба во Саранда со членството и симпатизери на партијата призна дека заедно со опозицискиот фронт веќе почнале подготовки за локалните избори што ќе се одржат на 30 јуни 2019 година.

– Ние веќе сме во еден опозициски фронт. Ќе одиме кон договори со кои заедно ќе влеземе на локалните избори, при изборот на кандидатите. Многу е важно функционирањето и реорганизирањето на нашите структури како опозициски блок против големото зло, како што е владеењето на една криминална секта предводена од социјалистите – порача Круемади од Саранда.