Социјалдемократската партија одлучи да ги бојкотира седниците на Собранието на Србија. Претседателот на партијата, Борис Тадиќ, оваа одлука ја објави на Твитер и наведе дека за нивото и форматот на бојкотот на парламентот ќе разговара со другите опозициски партии.

Пратениците на СДП не присуствуваа на последната седница на парламентот, на која во понеделникот им се обрати претседателот на Словенија Борут Пахор. Пратениците од опозицијата го дочекаа словенечкиот претседател во холот на парламентарната зграда, кога му врачија „докази за рушење на парламентарната демократија во Србија“.

– Ќе видиме каков ќе биде развојот на настаните и идната одлука за евентуален бојкот ќе ја донесеме во партиските органи – изјави Александар Стевановиќ, пратеник од Партијата за модерна Србија, за Радио Слободна Европа.

За бојкот на парламентот е и опозицискиот блок Сојузот за Србија, кој не функционира во овој формат и во Собранието на Србија и секоја партија поединечно би се одлучувала како ќе настапува од собраниските клупи.

Парламентарната опозиција во Србија подолго време се обидува да се избори за фер и рамноправен третман во Собранието на Србија. Последниот пат кога ја напуштија салата во текот на гласањето на буџетот, причината беше што владејачката партија поднесе голем број амандмани со што се потроши ограниченото време за дискусија и ѝ оневозможи на опозицијата да ги искаже своите ставови за трошењето на државните пари.

На овој начин беше спречена расправата и за други законски акти. Вуја Илиќ, истражувач во белградската невладина организација „Центар за истражување, транспарентност и одговорност“ (ЦРТА), кој го следи парламентарниот живот во Србија, истакнува дека опозицијата веќе подолго време е „притисната“, и дека отсуствува дебати при носењето на важните закони.

– Во ваков амбиент, кога е во прашање последниот бојкот на седниците на Собранието, дефинитивно станува збор за легитимно средство за притисок на една институција – вели Илиќ.