Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, за вчеравечер најави најрадикални протести, со кои ќе бидат блокирани сите главни патни правци во земјата што се поврзуваат со Тирана. Претходно тој ги објави задачите на преодната влада.

– Ние сме во длабока политичка, уставна, економска и социјална криза и, како што стана јасно и во последните 24 часа, земјата е во целосна криза во највиталниот процес за Албанија, односно за интеграцијата на земјата во ЕУ. Причината за тоа е изборниот криминал. Ќе продолжиме со нашата акција на секој план. Од понеделник, во 18 часот, ќе почне акција низ целата земја со блокирање на најважните патни правци, како знак на граѓанска непослушност. Заедно со опозициската коалиција ќе ги одредиме должностите на преодната влада за гарантирање слободни и фер избори. Ќе разговараме и за нашата платформа што ќе им ја претставиме на Албанците – рече Баша.

Според него, ништо не се сменило во ставот на обединетата опозиција, како што ја нарече, „новото мнозинство“.

– Заминувањето на Еди Рама е прашање за кое не може да се преговара. Тоа ќе доведе до формирање преодна влада за спроведување слободни и фер избори – рече Баша.
Обединетата опозиција минатата недела го блокира влезот во Тирана, а во наредниот период секој четврток ќе бидат блокирани главните национални патишта од север до југ, кои водат кон албанската метропола.