За претставниците на власта, опозицијата нема што да им понуди на граѓаните

Клучната дилема е како ќе се постави меѓународната заедница во однос на признавањето на изборните резултатите во Србија, ако се има предвид искуството со бојкотирањето на последните локални избори во Албанија од страна на опозицијата

Дел од опозицијата во Србија здружена околу идејата за бојкот на изборите изминатиот викенд ја усвои декларацијата со која се обврзува дека секој обид за формирање на власта врз основа на резултатите на „лажните избори“ ќе го сметаат за акт за уривање на уставниот поредок на земјата. Против новата власт, која би била конституирана по вонредните парламентарни избори на 26 април, приврзаниците на бојкотот ќе се спротивстават со сите видови отпор и со граѓанска непослушност.
Главните цели во идното дејствување ќе им биде продолжување на борбата за слободни медиуми и слободни и чесни избори, што ќе овозможи демократизација во Србија. Претседателот на Партијата за слобода и правда Драган Ѓилас, по повод донесувањето на декларацијата за бојкотирање на изборите, рече дека тоа е почитување на желбата на народот.

– Тие што ќе излезат на гласање работат во корист на лидерот на Српската напредна партија Александар Вучиќ. На гласачките ливчиња ќе стои само едно име – Вучиќ и секој што ќе седи во Собранието на Србија ќе се вика: „Вучиќ“. Затоа сме за бојкот, за слободна Србија – повика Ѓилас, на саботниот собир на опозицискиот блок на партии што се залагаат за неучество на парламентарните избори.
Политикологот Јован Комшиќ смета дека идејата за бојкот на изборите ги демобилизира граѓаните, пред сѐ на локално, општинско и на градско ниво. Тој се сомнева дека бојкотот ќе доведе до распишување нови избори во Србија, што е теза на дел од опозицијата.

– Не сум уверен во опцијата дека во краток период од шест месеци до една година ќе има нови избори, како што се надеваат некои од опозициските лидери што заговараат бојкот – изјави Комшиќ за порталот „Аутономија“.
Со еднократните промени не е возможно да се решат напластените политички проблеми во Србија. За видливи промени се потребни стратегиски подготовки на опозицијата, за чија реализација се потребни неколку изборни циклуси. Главното прашање, според него, е дали сегашната опозиција има јасен политички став кон Европската Унија.
– Доминира повеќе неевропскиот, да не речеме антиевропски курс. Доколку пораката за бојкот се испрати и на локално ниво, тоа значи да се оневозможи каква било политичка партиципација за поинакво мислење во однос на владејачката партија – вели Комшиќ.

Отежнувачка околност за Сојузот за Србија, кој опстојува на идејата за бојкот, е тоа што некои политички организации, кои не се моментално во коалиција со СНС, најавуваат учество на изборите, а можно е да се појават и нови партии и граѓански групации, кои би настапиле со сопствени пратенички листи. Клучната дилема е како ќе се постави меѓународната заедница во однос на признавањето на изборните резултатите во Србија, ако се има предвид искуството со бојкотирањето на последните локални избори во Албанија од страна на опозицијата. Владејачката партија на актуелниот премиер Еди Рама, во половина од општините немаше противкандидати, а одзивот беше 21 отсто, но на крајот не беа оспорени изборните резултати од меѓународната заедница.

Засега, од Европската Унија се испраќаат демократски пораки дека бојкотот на изборите не е решение, а во исто време се повикуваат сите учесници во партискиот живот во Србија да се посветат на започнатиот дијалог за создавање услови за еднаков настап на изборите.
Амбасадорката на Велика Британија во Србија Шан Меклауд, за весникот „Политика“, изјави дека Владата на Србија има обврска да обезбеди фер и слободни избори во согласност со меѓународните демократски стандарди.

– Експертите што ги следат изборните процеси (Канцеларијата на ОБСЕ) во Србија треба да донесат процена дали ќе бидат легитимни изборите, доколку тие се бојкотирани од опозицијата – рече таа.
Генералниот секретар на претседателот на Србија, Никола Селаковиќ, за неучеството на изборите обвинува дел од опозицијата, која нема што да им понуди на граѓаните и се надева дека гласачите ќе го потврдат апсолутниот легитимитет на парламентарните избори.