Соединетите Американски Држави искажаа загриженост поради изборните неправилности во Босна и Херцеговина и ги повикаа тамошните институции да се ангажираат околу преиспитување на неправилностите на денот на гласањето, на кои предупредија и набљудувачите на ОБСЕ.

– Очекуваме од сите актери и граѓани своите забелешки за нерегуларностите во изборниот процес да ги проследат низ воспоставените правни канали. Тоа вклучува наша загриженост во поглед на точноста на гласачките списоци, непристрасност на набљудувачите, рамномерно присуство во медиумите и злоупотреба на јавните средства – се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Флориан Бибер, стручњакот за Балкан од Универзитетот во Грац, во разговор за порталот „Зашто?“ ги анализира изборите во Босна и Херцеговина и вели дека Милорад Додик нема да биде посакуван гостин во европската престолнина како член на Претседателството на БиХ. За изборот на Додик гласале 55 отсто од гласачите, но неговата партија Сојуз на независните социјалдемократи (СНСД), која претходно имаше поддршка од 60 отсто, на овие избори освои 33 отсто од гласовите.

– СНСД доста загуби, а тоа го видовме низ граѓанските движења во Бања Лука, од кои се гледа големо незадоволство кон оваа партија. Во Република Српска две третини гласале против оваа политичка опција. Реалната поддршка е уште пониска ако се има предвид дека се вршени притисоци на вработените во јавната администрација. Тоа, сепак, покажува некој степен на незадоволство, кое сѐ уште не е јасно дали ќе се преточи во промени на односите на силите во Република Српска. Ова е сигнал дека Додик не е повеќе доминантна фигура или ќе доминира на ист начин како и претходните 12 години – вели Бибер.

На изборите за претседател на РС води кандидатот на СНСД, Жељка Цвијановиќ, со 47,53 отсто, пред Вукота Говедарица од опозицискиот Сојуз за победа, со освоени 42,74 отсто од гласовите.

– Ќе побараме дополнително броење на гласовите и увид на 41.000 неважечки гласачки ливчиња. Не можеме да ги прифатиме овие изборни резултати додека не се утврди конечната вистина. Ќе побараме и графолошка анализа – изјави Говедарица.